Учесниците на Европрајд најавија, и покрај забраната, дека денеска ќе се соберат во Белград и ќе се прошетаат низ центарот на градот. Прошетката е закажана за 17 часот.
Европската асоцијација на гордоста (ЕПОА) соопшти дека по неколкунеделен интензивен меѓународен притисок, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјавила дека прошетката на Европрајд закажана за денеска во 17 часот во Белград, може да се одржи.
Како што се наведува во соопштението, бројни дипломати, пратеници во Европскиот парламент, како и други европски и меѓународни политичари ќе им се придружат на илјадниците активисти во прошетката што ќе започне од Националното собрание. Во соопштението за медиумите на веб-страницата на ЕПОА, се додава дека не се очекува премиерката да учествува на прошетката, туку неа ќе ја претставува нејзината партнерка Милица Ѓуриќ.
Брнабиќ нагласи дека може да гарантира безбедност низ улиците на Белград во текот на попладневните часови.
Претседателката на ЕПОА, Кристине Гарина изрази задоволство што премиерката Брнабиќ „го исполни ветувањето што го даде во 2019 година“.
Премиерката Ана Брнабиќ денеска изјави дека сите ќе бидат безбедни за време на Европрајд и дека во текот на изминатата недела немало ниту еден инцидент на над 130 настани организирани во главниот град на Србија.
Новинарка на РТЛ известува дека на пат кон Белград има се повеќе полицајци кои пристигнуваат од другите делови на Србија за да помогнат во обезбедувањето на Европрајд.
Na putu do BG sve puno policije koja stize iz drugih dijelova Srbije osiguravati Europride @RTLDanas @vijestihr pic.twitter.com/NJN1I6bIyi
— Ana Mlinarić (@Ana_Mlinaric) September 17, 2022
Голем број припадници на интервентната полиција формираа жив штит пред Уставниот суд каде полека се собираат припадници на ЛГБТ заедницата и граѓани. Поворката треба да започне по 17 часот, јавува Н1.
Улиците во центарот на градот веќе беа затворени околу пладне, а во раните попладневни часови десничари предизвикаа серија инциденти и се судрија со полицијата. Во близина на Собранието на Србија во Белград дошло до физичка пресметка меѓу противниците на Европрајд и полицијата.
Утринава стигна и одлуката на Управниот суд кој ја одби жалбата на активистите на Прајд со образложение дека забраната на власта на српскиот претседател Александар Вучиќ е оправдана бидејќи постои опасност од судири.
Во Белград уапсени се четворица мажи поради напад врз полицајци за време на протестниот марш против Европрајд и им е одреден притвор од 48 часа. Веднаш штом излегоа на улица, десничарските демонстранти се судрија со припадниците на јавниот ред и мир, кои се обидоа да ги смират, пренесува Телеграф.
Како што дознава Телеграф, мажите биле во друштво на расчинет монах кој исто така е приведен, откако претходно гаѓал со шише кон новинарската екипа на Н1.
Досега се приведени 31 лице, а еден од нив имал нож.
Колоната на насобраните противници на Европрајд се движи кон храмот Свети Сава каде е најавен нивниот поголем собир. Како што јави Блиц, засега е мирно и полицискиот кордон ги обезбедува десничарите за да не се случат нови инциденти.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека „уште еднаш ги предупредува сите оти нема да толерира никакво насилство на белградските улици и строго ќе ги спроведува законот и одлуките на надлежните органи и судови“.
Како што соопшти МВР и потврдија од Управниот суд, нема да има никаква недозволена прошетка, исто како што нема да се дозволи да се загрози личната и имотната безбедност на било кого. За секој што го нарушува јавниот ред и мир ќе се применуваат сите средства што ги дозволува законот, изјави српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин.
Две девојки биле нападнати во близина на зградата на РТС, откако еден од десничарските демонстранти ги удрил со тупаница во главата, објави Нова.рс. Девојките им пришле на демонстрантите за да ги фотографираат, а еден од нив излегол од толпата и почнал да ги удира по глава, јавува новинар на Нова.рс кој го видел инцидентот. Во тој момент полицијата не го обезбедувала тој дел од протестот. По нападот, девојките успеале да стигнат до полициската патрола и да дадат изјава, по што им било кажано да се оддалечат.
Г.Т.