Лулзим Хазири од Асоцијација за демократски иницијативи – Гостивар, на панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“.
„Драго ми е што и граѓанскиот сектор зема обврска да ја промовира Стратегијата „Едно општество за сите“, бидејќи ценам дека сите дадовме свој придонес во креирањето на оваа стратегија, и истата треба да биде дел од нашите секојдневни активности, односно да биде дел од активностите на граѓанското општество. Доаѓам од Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, која веќе 28 години е позната по својата работа во насока на заштита и промовирање на човековите права, а во последно време со промовирање на концептот на мултикултурализмот, односно разликата што ја направи интеркултурализмот, бидејќи цениме дека тоа е поинтерактивен концепт на делување од мултикултурализмот, кој е една состојба.“, вели Хазири.
Хазири посочува дека мултикултурноста во нашата земја е реалност со која треба сите да се соочат.
„Македонија е држава која треба да се соочи со оваа вредност, којашто некои ја нарекуваат и како проблем, а различноста треба да ни биде цел за креирање стратегии и политики, бидејќи тоа ние судбината. Не можеме да бегаме од овој конгломерат на различности, јазични, етнички, верски, цивилизациски… Оттука, сметам дека владата е одговорна и должна да создаде овозможувачки услови за развивање на односите, на прифаќањето на соживот и соработка меѓу заедниците.“
Мултикултурализмот е скапа работа и државата треба да ја прифати констатацијата дека треба да се вложува во мултикултурализмот, и на централно и на локално ниво. Граѓанските организации се обврзани оваа стратегија да ја чувствуваат како своја, порачува меѓу другото Хазири.
Панелот го водеше: Петрит Сарачини
обработка на текст: Дијана Тахири
монтажа: Ариан Мехмети
камера: Атанас Петровски / Дехран Муратов
фотографија: Горан Наумовски