Бленди Ходаи, поранешен претседател на Унијата на средношколци и активист за правата на младите, на панелот на ЦИВИЛ „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“ говореше за образовниот систем, протестите на СОНК, за односот на институциите кон младите и зошто младите си одат од земјава.
„Се разбира дека правото на образование е уставно право, и право од човековите права на Обединетите нации, но треба да се разберат и потребите на наставниците и професорите затоа што платите на професорите во Македонија се најниските во регионот. И очигледно е дека тие имаат право на револт и да бараат повисоки плати, што ќе им обезбеди подобро вршење на работата. Но, исто така е важно учениците да не губат од наставата и од предавањата. Тоа што сакам да посочам дополнително за протестот од страна на наставниот кадар е тоа што, за жал, ако гледаме во изминатите години, и до ден денеска, СОНК како работеше, е тоа што секогаш протестираат за повисоки плати, тие никогаш не протестираат за повисок квалитет во образованието. Ние треба да разговараме, заедно со младите, да се бориме за поквалитетен образовен систем, а не само за повисоки плати, затоа што е важно какви кадри ќе излезат од основното и од средното образование, кои ќе се вклучат во високото образование. Тука треба да бидат вклучени сите актери, од ученици до наставници, за потоа да има поквалитетен кадар кој е потребен на пазарот на трудот, посочи Ходаи.
Ходаи се осврна и предрасудите и на говорот на омраза поттикнат од одредени учебници за средно образование, и како тоа влијае на целокупниот систем.
„Доколку зборуваме за образовниот систем и говорот на омраза, можам да кажам дека во средното образование има простор за ширење на говор на омраза. Зошто? Затоа што додека бев средношколец имав книги во кои имаше содржини со големи предрасуди кон другите заедници што живеат во земјава, и имаше говор на омраза исто така кон други заедници што живеат во земјава. Еден од примерите може да се најде во учебник за социологија, каде што пишува дека Албанците не можат да го контролираат процесот на креирање семејство, затоа што прават многу деца. Ова е една од содржините во учебникот за социологија, во кој има предрасуди кон една етничка заедница. Сакам да кажам дека образовниот систем е еден од клучните фактори зошто имаме говор на омраза и случаи кои водат и кулминираат со тепачки и слично. За да се промени тоа, потребно е да се реформира целиот образовен систем, да се тргнат од користење тие учебници што содржат говор на омраза и предрасуди кон други заедници, и да се креира наратив дека различноста во земјава е богатство, а не закана.“
Во однос на Законот за млади, Ходаи полемизира дека тој закон како да е донесен само ради имање закон, и површна имплементација, без вистинска функционалност.
Во 2017 година, кога беше основан Сојузот на средношколци, го основавме во едно мало кафуле, бидејќи во Тетово недостасуваа центри и простори каде што младите ќе можат да се дружат ќе дискутираат за различни иницијативи и проекти, и ден денеска нема. Македонската младина се соочува со тоа што кога немаш одреден простор каде што ќе можеш да одиш и да зборуваш за конкретни идеи, тогаш нема што да се зборува за младински стандарди. Во однос на законот за млади, за жал, ние имаме еден погрешен пристап кога зборуваме за подобрување на стандардот за млади, затоа што веруваме дека со донесување на закони, проблемите се решени.
Имаме Закон за млади, кој е донесен пред две години, а тоа и по две години не се имплементира како што треба. И не е проблем само имплементацијата, туку е проблем и како ќе се стави во функција тој закон. Ако гледаме една точка од тој закон, во која што пишува дека секоја општина и институција треба да има службеник за млади, а гледаме дека имаат, речиси сите, еве јас доаѓам од Тетово, а таму беше избран таков службеник пред пет-шест месеци, и да бидам искрен, веќе една недела се трудам со име и презиме да го најдам тој службеник, но не можам да го најдам. Така што, прашањето е дали тој службеник за млади, и служи на институцијата и општината, или службеникот му служи само на законот, или за тие што го креираат законот, да кажат “еве тоа е имплементирано“, вели меѓу другото Ходаи.
Дијана Тахири
Камера и фотографија: Горан Наумовски
Монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.