Повеќе хуманитарни работници беа убиени откако автобус беше нападнат во Газа во среда вечерта, според организација за хуманитарна помош поддржана од САД, која го обвини Хамас за извршување на нападот, пренесува Си-ен-ен.
Хамас сè уште не одговорил на обвинувањата.
Хуманитарната фондација Газа (GHF), контроверзна иницијатива за помош поддржана од САД и Израел, соопшти дека автобус што превезувал повеќе од дваесет членови на нејзиниот тим бил нападнат од Хамас околу 22 часот по локално време.
„Сè уште собираме факти, но она што го знаеме е катастрофално: има најмалку пет жртви, повеќекратни повреди и страв дека некои од членовите на нашиот тим можеби биле земени како заложници“, се вели во соопштението на GHF.
Групата била на пат кон дистрибутивен центар во областа западно од Кан Јунис, соопшти GHF, додавајќи дека дополнителни детали ќе бидат дадени откако ќе бидат познати.
„Го осудуваме овој гнасен и намерен напад на најсилен можен начин“, се вели во соопштението на GHF.
GHF, исто така, го обвини Хамас дека постојано ѝ се заканувал на организацијата во последните денови.
Д. Мишев