пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
“И на вработените во државната администрација ќе им се исплаќа К-15“. Со мали разлики, овој наслов ги преплави сите медиуми во државата. Во скоро идентични два пасуси во сите медиуми акцентот е ставен на исплатата на К-15 (дури и во оние каде што во насловот се спомнува дека станува збор за склучување колективен договор).
Она што не произлегува од голем број од насловите во медиумите и кое лесно може да биде превидено од страна на пошироката јавност е дека станува збор за потпишување на исклучително важен гранков колективен договор.
Што е доброто во ова?
Добро е што после подолги преговори и скоро една година интензивни подготовки и преговори се склучува колективен договор со кој се регулираат поголем број права на вработените во администрацијата.
Тоа значи повеќе права за поголем број вработени во државата. Тоа значи посигурни и регулирани односи меѓу работодавачите и вработените и поголема заштита од самоволие на работодавачите. И, на ваков начин се обезбедува поголема независност на администрацијата од партиски влијанија и од злоупотреба на администрацијата за партиски цели.
Само администрацијата заштитена од партиско влијание и секојдневен поданички однос кон партиите, може да биде ефикасна и ефективна администрација. И само од ваквата администрација граѓаните, а не партиите можат да бараат одговорност соодветна на правата и извршување на дадените задолженија согласно законот, наместо нарачките на партиите, и услуги за граѓаните, а не партиите.
Добро е и што на ваков начин може да започне процесот на враќање на достоинството на администрацијата и таков облик на самовреднување кое ќе поттикне прочистување на сопствените редови од партиските трутови.
Што е лошото во ова?
Лошо е што се прави непосредно пред парламентарни избори како вид поткупување на администрацијата.
Лошо е што не е проследено со постоење на соодветна законска регулатива со која ќе се обезбеди функционирањето на Агенцијата за државни службеници како институција која ќе ја извлече администрацијата од рацете на партиите.
И лошо е тоа што не е дел од комплексна реформа на администрацијата во која ќе биде вграден мерит системот како апсолут кој мора да се почитува пред воопшто да стане збор за правична застапеност по етничка, родова или некоја друга припадност.
Администрацијата во една држава може да биде збир од професионалци кои знаат, умеат и делуваат, и може да биде збирштина формирана со партиска воља и многу партиска цел.
Овој колективен договор, според мене, е основа од која може да почне промената, и шанса која ѝ се дава на администрацијата да реши што сака да биде.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.