Владата ги поништи решенијата за вработувања кои ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој пак ја обвини Владата дека поништувањето е незаконско. На неговата реакција се јави заменичката министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска која го обвини Чулев дека не ги почитувал важечките законски и подзаконски акти. Истовремено, сите инволвирани ги повикаа вработените да ги почитуваат законските одредби, а со тоа и нивните одлуки. Ако ништо од ова не ви е јасно, замислете како им е на вработените…
Законот за ЈО заглави во Собранието. Се користат последните мигови за исполнување на желбите на оние кои се најмногу засегнати од истиот, особено кога станува збор за прислушуваните разговори. Седницата која првично беше закажана за 17 часот, па презакажана за 18, сѐ уште не е започната. Во Собранието се водат поединечни средби за постигнување на договор кој ќе обезбеди двотретинско мнозинство. Кому е до правда, а кому не, ако не дознаеме вечерва, следува продолжение во текот на утрешниот ден.
И не би биле ние ако, како јаготка на шлагот, не нѐ погоди некој скандал, бидејќи не ни е доволно интересно и вака. Допрва ќе се одмотува клопчето околу наводите на словенечкиот портал кој денеска изнесе сериозни индиции за вмешаност на Унгарија и Словенија во пропагандата против Преспанскиот договор.
Маја Ивановска