Мерките не се за да го поделат општеството, ниту да ги стигматизираат луѓето, истакна портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому во интервјуто за грчката телевизија „Антена“, говорејќи за најавените рестрикции за невакцинираните, јави дописничката на МИА од Атина.
Објасни дека целта на Владата е да го заштити општеството, да ги заштити граѓаните и оние кои веќе се вакцинираа и ги почитуваа мерките во изминатиот период.
Ги гледате бројките, вчера имавме 370-380 луѓе на интензивна нега. 90 отсто од нив се невакцинирани, Експертите велат дека невакцинираниот има 13 пати поголема можност да се разболи, да биде приклучен на апарати. А ова станува 20 пати повеќе за оние што се над 60 години. Што треба да направи Владата? Да седи со скрстени раце?, истакна Иконому.
Портпаролот на грчката влада додаде дека намерата на Владата е да не се оди на целосен локдаун и на општи ограничувања како оние во претходниот период, да нема ново затворање на економијата, ниту рестрикции кои „не се одразуваат само на економската и бизнис активноста, туку се одразуваат и на психологијата, во начинот на кој секој од нас живее, се движи, размислува“./ МИА












