Денот на Републиката 2 – Август, Илинден денеска се одбележа под слоганот „Победа за сите“, без масовни собири и без културно-уметнички програми, под заштитни маски и со кратки церемонии.
Претседателот Стево Пендаровски им се обрати на граѓаните на РСМ пред Меморијалниот центар АСНОМ – Пелинце.
-Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден беше и остана симбол на неспорно изразената волја за своја држава, заснована врз републикански и демократски начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници во неа – изјави Пендаровски.
Премиерот Спасовски на Кале се обрати во чест на денешниот празник 2 Август, по свеченото интонирање на македонската химна и изведбата на оперската певица Елена Голомеова.
„На денешен ден, 2 Август – Илинден, е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903 година, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста. Борбата на сите наши илинденци никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на една држава врз друга, ниту пак на еден народ врз друг“, порача Спасовски.
Лидерот на ВМРО –ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Ташмаруниште (Струга), се извини за досегашните грешки направени од ВМРО ДПМНЕ и ги обвини оние кои бараат оставка од него нарекувајќи ги јаничари.
- А денес оние кои се товар на ВМРО-ДПМНЕ душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Целосно свесен за нивните постапки од минатото и целосно свесен дека токму овие жестоки појаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата. Сакам јасно и недвосмислено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено, изјави Мицкоски.
Изјавата на Мицкоски предизвика реакција кај поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски , кој на фејсбук му возврати дека на партијата и треба човек кој обединува, а не некој кој клевети и навредува, и дека е редно да си замине од ВМРО –ДПМНЕ.
Како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот 2 Август, во Смилево се чествуваа 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.