Categories

ПРОГОН Илустративната жалопојка на Бачев

Вчеравечер на Фејсбук профилот на Единствена Македонија излезе вест дека нивниот лидер Јано Бачев бил приведен од полиција поради закани на социјални мрежи.

Биљана Јордановска

По тој, по сè изгледа, информативен разговор, Бачев на денешната прес – конферениција изјави дека му се укина слободата на говор и дека поранешното југословенско толкување на говорот на омраза – вербален деликт – за кој во екс-ју се казнувало, повторно се воведува во Македонија.

И се разбира, крив е и овој пат Зоран Заев, затоа што да не играл на таа карта дека за секој збор на социјалните мрежи ќе се казнуваат неисотмислениците, Бачев и вчера вечерта сигурно ќе имал што да каже на Фејсбук. Ама, ете тоа право му било скратено.

„МВР вчера спроведе полициско гонење врз мене врз основа на ова соопштение на Единствена Македонија од 2 октомври во кое алармираме за поткуп на пратеници во висина од 2 милиони евра по пратеник и дека пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе гласа за промените на уставот нема да стигне до државната граница при обидот за бегство од државата“, изјави Бачев.

Со ова според МВР Бачев ја загрозил безбедноста на пратениците т.е. неговата партија. Ама тој, пак, смета дека ваквиот прогон за објавено соопштение ниту е исправно ниту демократски.

А посебно сега кога се покажа дека не само што ништо не им фали на 8 пратеници, туку и биле унапредени како примерот со Канческа Милевска во координатор на пратеничка група.

Најверојатно, Бачев е револтиран што бојкотирачката „револуција“ околу прашањето за името не му успеа, а и тој нема никакви бенефити за разлика од „8 предавници“.

„Кажаното од Заев нема смисла оти во реалноста не се почитува судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбург како најворитетна правна институција токму во таа Европа за која зборува Заев“, вели Бачев.

Пресот опфати и уште еден момент: илустративно прикажување на три случаи од Стразбург, кои го оправдуваат поведението на Бачев пред еден месец.

Или во превод, пластично, Зоран Заев сè става на срце, па како диригент на оваа власт, се намерачил на Бачев и неговата партија, отколку конструктивно да го разгледал и истражил кажаното за поткуп на пратеници.

„Овој атак врз слободата на говорот е за да сеат страв и да перат мозок со измислицата наречена говор на омраза. Можат да не следат, да не прислушкуваат, да не прогонуваат со измислени обвиненија, но, ние нема да дозволиме да ни го скршат духот, оти ако ни го убијат духот ќе ни го убијат името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ“, вели Бачев.

Ама ако, ќе види Заев, предупредува Бачев, кога ќе почнат сенародните македонски протести, кога ќе падне ненародната Влада што ја води, кога ќе има избори, ама без него како премиер… кога Бачаев ќе дојде на власт!?

А, да. Рековме дека Заев е крив?

 

Print Friendly, PDF & Email