Морнарицата на Индија тестираше ракети во неделата, покажувајќи ја својата способност да изведува „ прецизни и офанзивни напади со долг дострел “, додека тензиите со Пакистан растат по терористичкиот напад од минатата недела во индискиот дел од Кашмир, во кој загинаа 26 цивили.
„Бродовите на индиската морнарица извршија успешни повеќекратни противбродски истрели за повторно да ја потврдат и демонстрираат подготвеноста на платформите, системите и екипажот за прецизен офанзивен напад со долг дострел“, објави морнарицата на X, додека премиерот, Нарендра Моди, вети „суров одговор“ на нападот на туристичко место, најсмртоносниот против цивилите во Кашмир во последните 25 години.
Моди, кој ги информира светските лидери за да изгради поддршка за ставот на Индија, им рече на слушателите во своето месечно радио обраќање дека крвта на секој Индиец „врие“. Неговите зборови ги повторија претходните изјави каде што тој вети дека ќе ги лови напаѓачите „до крајот на Земјата“ и ќе ги претвори терористичките скривалишта „во прав“.
Инсалираните ракети се дизајнирани за моќни, долги и прецизни напади. Морнарицата ја нагласи важноста на вежбите за одржување на „оперативната“ подготвеност, бидејќи воената реторика се интензивираше од двете страни.
Министерот за железници на Пакистан, Ханиф Абаси, предупреди за време на викендот дека нуклеарниот арсенал на земјата од повеќе од 130 ракети „не се чува како модели“ и е насочен „само кон Индија… овие балистички ракети, сите се насочени кон вас“.
М. Д.