Иницијативниот одбор (ИО) закажа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје со главни точки – Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател Христијан Мицкоски и гласање на доверба, соопшти денеска ИО за закажување вонреден партиски конгрес.
„Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка“, се наведува во соопштението на Одборот.
Членовите на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, во кој се дел од поранешните високи функционери и сегашни истакнати членови на партијата, сметаат дека е недозволиво претседателот на којшто му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.
Иницијативата за вонреден конгрес не е ниту статутарна ниту правна, е ставот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска на прес-конференција го соопшти пратеникот и член на Извршниот комитет (ИК) на партијата, Антонијо Милошоски, во врска со вонредниот конгрес што го закажа Иницијативниот одбор.
Милошоски уште еднаш ги повтори обвинувањата кои можеа и претходно да се слушнат од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека лицата од Иницијативниот одбор, кои бараат смена на Христијан Мицкоски, се блиски со Зоран Заев.
„Ова е политичка иницијатива на група луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев. Сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано е нестатутарна, политички гледано е координирана со Заев кому му е очајно потребен дефокус од лошите политики“, изјави Милошоски.
Иницијативниот одбор од минатото лето бара одржување на вонреден конгрес, во септември 2020 следуваше и седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кога Мицкоски самиот предложи свикување на вонреден конгрес.
„Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на којшто нема да се кандидирам. Централниот комитет, откако ја напуштив салата го одби едногласно моето барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски на 21 септември 2020.
Д.М.