Државната комисија за спречување на корупција на 49 седница согласно член 20 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси ја избра м-р Ирена Поповска, долгогодишен вработен раководен државен службеник во Секретаријатот на ДКСК за Генерален секретар на Секретаријатот во ДКСК.
На оваа седница Државната комисија постапуваше по конкретни предмети од сите области од својата законска надлежност при што беа разгледани вкупно 70 предмети од кои 57 од областа на корупцијата, 7 од областа на утврдување состојба на судир на интереси и 6 од област на проверка на податоците во изјавите за имотна состојба и судир на интереси.
Во врска со донесените одлуки, во постапувањето по 42 предмети, ДКСК ги обезбеди потребните документи, докази, податоци и информации од надлежните органи ДКСК и по нивниот увид и анализа утврди дека наводите во поднесените пријави не се потврдени или дека по пријавените случаи постапуваат други надлежни органи, поради што донесени се одлуки за запирање на постапката по овие предмети.
За останатите 27 предмети, ДКСК донесе одлуки за отфрлање на пријавите поради фактот што според наводите во пријавите ДКСК нема законска надлежност за нејзино постапување.
„Во врска со предметот оформен по наводи за сомневање за незаконитости во постапки за јавни набавки спроведени во Генералниот секретаријат на Владата на Р. Северна Македонија во време кога функцијата Генерален секретар ја извршуваше лицето Драги Рашковски. ДКСК претходно извести дека во соработка со ЈОГОКК, своето постапување ДКСК ќе го прекине, а за обезбедените податоци и информации, ЈОГОКК ќе биде известено. На ден 18.05.2021 година, ДКСК до ОЈОГОКК достави информации и укажување за уште четири спроведени јавни набавки од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, за кои постои основано сомневање дека според предметот на набавка (камери, кабини) имаат директна поврзаност со набавениот софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување казни, со што сумата за исплата на обврски по овие договори е значително голема“, известија од ДКСК.