Портпаролот на владата Миле Бошњаковски денеска информира дека внатрешната контрола на МВР веќе започнала со испитување на евентуална вклученост на претставници од полицијата во планот за бегство на Груевски. МВР истражува на кој начин Груевски ја напуштил Македонија, како и дали имал надворешни помагатели.
Во моментов во Министерството за внатрешни работи се водат две истраги за да се утврди како било организирано бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и кој му помогнал во тоа.
,,Одделот на внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници дека му помогнале во бегството, а дополнително секторот за внатрешни работи на Скопје го утврдува начинот на бегството, како и евентуално надворешни помагатели. По завршување на овие две постапки, МВР ќе озлезе во јавност со целосна слика за тоа како се организирало бегството на Никола Груевски”, рече Бошњаковски.
На денешната прес-конференција, тој рече дека Министерството за правда ја собира потребната документацијата за екстрадиција на Груевски од Унгарија. Потоа таа документација ќе треба да се преведе на унгарски јазик и да им биде доставена на релевантните институции на Унгарија.
ЦИВИЛ – Центар за слобода остро го осуди овој скандал кој говори за неуспехот доследно да се спроведат сериозни реформи во областа на судството, полицијата, државните комисии и агенции, односно практикувањето на власта во целост. ЦИВИЛ упати апел до унгарската влада да го одбие барањето за политички азил од осуденикот Никола Груевски и да го екстрадира назад во Македонија по најбрза можна постапка.
„Политичките пазарења добија предност пред потребата од решителна пресметка со политичкото и криминалното подземје во земјата по пат на владеење на правото и транспарентност. Тоа доведе до бегство на еден осуденик од висок профил и негово барање политички азил во земја членка на ЕУ. Тоа претставува целосно омаловажување на процесите за демократски трансформации во земјата во која токму тој бегалец од законот изврши тешки кривични дела и ја зароби државата со својот режим“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.
Со остра осуда излегоа и граѓанските организации Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Фондација Отворено општество – Македонија, Цивил – Центар за слобода, Центар за економски анализи, НВО Инфоцентар, Коалиција сите за правично судење, Евротинк, Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Младински образовен форум, Институт за демократија Социетас цивилис – Скопје, Транспарентност Македонија, Транспаренси Интернешнл, ФОРУМ – Центар за стратегиски истражувања и документација и Коалиција Маргини.
Тие бараат итни и темелни истраги во кои ќе биде утврдена одговорноста за пропустите во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на Министерството за внатрешни работи од аспект на тоа дали се постапувало согласно планот за обезбедување на Никола Груевски и дали се постапувало согласно тој план проценката за ризик.
М. И.