ЦИВИЛ одржа јавна презентација на Извештајот за Локалните избори 2025: Клучни наоди и стратешки препораки. Според Извештајот локалните избори во 2025 година во Северна Македонија поминаа без поголеми инциденти, но беа обележани со сериозни и повторливи системски слабости кои ја поткопуваат довербата во демократскиот процес.
Извештајот се темели на систематско и долгорочно следење на изборниот процес и обезбедува детална анализа на најважните предизвици со кои се соочи изборниот процес. Во фокусот се институционалното постапување, изборниот интегритет, медиумската средина, јавниот дискурс, како и влијанието на дезинформациите и современите хибридни закани врз демократските процеси.
Според наодите на ЦИВИЛ, изборните денови (прв и втор круг) формално беа мирни, но клучните проблеми што со години го следат изборниот систем повторно биле присутни. Посебно се издвојува недоверливиот Избирачки список, со случаи на починати лица кои и понатаму се водат како гласачи, како и граѓани со право на глас кои недостасуваат во евиденцијата.
ЦИВИЛ регистрираше и бројни технички и процедурални пропусти на гласачките места, вклучително проблеми со биометриската идентификација, нарушување на тајноста на гласањето и неуедначено, често непрофесионално постапување на избирачките одбори. Забележани се и случаи на попречување и заплашување на набљудувачи и медиумски екипи.
Во извештајот се нотира и широко распространето прекршување на изборниот молк, континуиран политички притисок и клиентелизам, како и селективна реакција на институциите. Овие појави создаваат перцепција на неказнивост за политичките актери и ја поткопуваат суштината на изборите како демократски процес.
Посебна загриженост предизвикува нееднаквиот пристап до гласањето. Голем број гласачки места беа непристапни за лицата со попреченост и за повозрасните граѓани, а соодветната опрема често недостасуваше. ЦИВИЛ оцени дека станува збор за системска дискриминација, а не за изолиран технички проблем.
Извештајот укажува и на доминација на националистичка и идентитетска реторика во кампањите, со што локалните прашања и отчетноста биле турнати во втор план. Организацијата предупреди дека без итни и сеопфатни реформи, ризикот од понатамошна демократска ерозија останува сериозен.
Б. Јордановска











































