Невладината организација „Демократија плус“ (Д+) објави извештај во кој даде три согледувања од набљудувањето на процесот на гласање во Косово.
Алберт Красниќи од „Демокрација плус“ изјави дека бојата за означување на палецот кај гласачите лесно се брише и тоа го зголемува ризикот од двојно гласање. Гласачите се означуваат со боја на палецот како превентива од двојно, односно повеќекратно гласање, по принципот „еден гласач – еден глас“.
Од Д+ сметаат дека обележувањето на гласачите на овие избори е чекор наназад во споредба со претходните изборни процеси кога се користеше невидлива боја што се откриваше со УВ ламби. Според организацијата, тоа што бојата е видлива предизвикува можност граѓаните да станат мета на притисоци да гласаат или да не гласаат.
Понатаму, во извештајот на Д+ се констатира дека гласачката кабина е пониска, а гласачите седат на клупи, што го зголемува ризикот од загрозување на тајноста на гласањето, особено кога стои друг гласач.
Исто така, Д+ смета дека можноста на гласачите да изберат до десет кандидати од преференцијалните листи непотребно ја усложнува постапката, бидејќи најголем дел од гласачите не стигнуваат да заокружат ни четири кандидати, а тоа отвора можности и за друг вид нерегуларности.
Џ. Д.