Ден по изборите во Северна Македонија, хаос во ДИК. Системот доживеа колапс по наводниот хакерски напад. Записниците од избирачките места рачно се проверуваат. Бројот на пратенички мандати е неизвесен. Веб страницата на оваа институција, клучна за изборните процеси, не објави конечни резултати.
Но, по сите одложувања, Државната изборна комисија одржа јавна седница, откако ги проби законските рокови.
Смирено, претседателот на ДИК кажа дека доцнењето на резултатите не е големо и направи споредба со минатогодишното доцнење. Значи, доцнењето оваа година може да се оправда со доцнењето во минатото.
Деркоски само ја потврди веќе познатата информација дека веб страницата на ДИК била мета на хакерски напад, без посебно да навлегува во тоа. Го информирале МВР.
Деркоски не се ни обиде да објасни зошто и како дојде до сите останати пропусти кои фрлија темна сенка на кредибилитетот на изборните резултати. Ладно ги отпиша сите информации за апсурдните резултати во некои избирачки места како лажни вести. Сѐ што сме чуле и виделе се лажни вести.
Што велат партиите на сево ова?
Десничарските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица постизборно тврдат дека добиле повеќе гласови и дека треба да имаат повеќе мандати. И се разбира, Мицкоски да формира влада. И сѐ по ред.
Апасиев од Левица со екстремен говор на омраза. Тој напиша: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“, на што СДСМ му одговори со „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“
Македонски концепт не доби места во парламентот, но немаат забелешки за резултатите. Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, им честиташе на добитниците на мандатите во идното Собрание. Богојески, исто така, најави дека ќе поднесат приговори за неважечките гласачки ливчиња.
Според Интегра, спроведен е изборен инженеринг и побараа цврсти докази со кои ќе се докаже кредибилитетот на изборите.
СДСМ во текот на денот побара од ДИК веднаш да ги поправи грешките и да излезе во јавноста со точни податоци.
Проблем е тоа што сега веќе никој не верува во податоците на ДИК, биле тие точни или не.
ЦИВИЛ на прес конференција во 15 часот денеска соопшти дека „имавме слободни и безбедни избори, но проблемот на ДИК со резултатите фрла огромна сенка врз процесот“.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/896989684124467/?t=46
Пред да се одржи прес конференцијата, ЦИВИЛ одржа и панел дискусија на тема Избори 2020 со Сашо Орданоски, Јасна Бачовска и Висар Адеми.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/903236170163171/?t=59
Неизвесноста продолжува.
Џ. Дерала