ЗОРАН ИВАНОВ
Блиц постизборно држат приказните дека граѓаните се разочарани од досегашната локална власт, дека тие сакаат одговорност, посветеност, отчетност и дека власта и нејзините претставници по општините тоа не го испорачале, дека биле арогантни, корумпирани, клиентелизирани и вакви и онакви. И тие и таквите констатации неспорно држат. И точно дека овие избори беа избори локални но последиците од овие избори, ќе се види допрва, првенствено се глобални.
Ако малку од подалеку се погледне целата слика, ако се фати крупниот план, што би рекол Ремарк, на Западот ништо ново. Македонија е од поодамна во политичка и во институционална криза. Та ќе се заострува и ќе станува сè повидлива токму сега по локалниве. Посебно по ова политичко цунами и потопот што му се случи на СДСМ, а по ненаучената лекција од идентичната победа во 2017-та само сега во обратна насока. Како рефлексија од ненаучена лекција, изборниот пораз му се врати со сета жестина. Во услови на мошне кревкото парламентарно мнозинство кое и досега едвај кршеше крај со крај, овој изборен епилог сега неминовно води во уште подлабока државна криза. Во нови институционални заглавености, во поизразени блокади по сите вертикали на државата.
Ако ние граѓаните навистина сме во право и кога грешиме, тогаш нова потврда за тоа се овие локални зашто бргу ќе се воочи дека овие изборни резултати се неправедни кон власта, посебно спрема Зоран Заев, човекот кој без двојби од осамостојувањето до денес ги направи најкрупните пробиви на земјава на меѓународен план. Кој ја отвори НАТО портата во услови на бројни јавни и подземни анти-НАТО кампањи што безочно ги форсираше опозицијата и посебно конкурентната ВМРО-ДПМНЕ. Преку пизми, стигми и манипулации за некакви предавства, за некакви отстапки за името на државата, за уставните промени во таа насока, таа практично ги собра сите политички поени кај поголемиот дел од наивната јавност.
И еве, се случија локалните и власта е до темел сразена и Заев си заминува. Секако дека во политиката нема ништо понормално од тоа политичарот да се повлече по неуспехот. Но што останува зад таа оставка или што останува зад овој постизборен амбиент. Криза. Со еден збор, криза. Тоа граѓаните не го посакуваат но на овие локални тие ја избраа.
Тоа што ќе се случува деновиве и отсега и некој месец натаму, не е баш умесно да се прогнозира освен да се потврди фактот дека земјава пак влегува во политичка криза. Таа и досега беше во некаква слична латентна кризна ситуација. Во услови кога парламентот е перманентно блокиран, кога највлијателната демократска институција практично не функционира, тоа е криза. Криза на парламентот и аналогно на тоа и на севкупниот државен механизам.
Мотивите да проработи оваа најважна институционална машина која треба да ја покрене земјата, дури сега постизборно се исцрпени. Собраниската енергија е издишана, собраниското вегетирање и јалови надмудрувања се неодржливо на долг рок, па идеите и желбите за нови мнозинства, за пратенички прегрупирања без избори, се само уште една патека која води до продолжена и уште подлабока и криза.
Во едни вакви, нека се само претпоставени околности, сите патишта водат кон предвремени парламентарни избори. Тие секако не можат да се случат утре. Тегавењето во договарањата за нив, уште повеќе ќе се заоструваат и ќе ја банализираат целата ситуација во собранието и во државата. Посебно сега, во периодов кога на повидок со многу јасни сигнали е и глобална енергетска, а со тоа и економска и социјална криза. Додатно и кога во услови на нестивната ковид пандемија, секакво рационално решение е магливо. Расплет кон позитива едноставно на кус рок не е можен.
Кризата на институциите со примеси на тешките социјални околности, земјава ќе ја фрлат во уште подлабока апатија. Ова и поради фактот што власта, оваа што од неа остана на централно ниво, по неочекувано катастрофалниот пораз на локалните, е без потребната енергија. Во амбиент во кој граѓанките и граѓаните ѝ покажаа не жолт, туку депримирачки темно црвен картон, таа остана без мотив за било кави порадикални реформски потези. Без ентузијазам за битки за совладување и на непримерната настојчивост на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да негира, да блокира и да стопира било каков реформски зафат.
Оттука, мотивот за нови сили, за нови политички енергии, единствено може да се бара во нови предвремени избори. Тие, сепак, е неможно да се случат толку брзо. Ниту пак е можно некакво решение за некакво ефектно ново мнозинство во собранието кое, како што еуфорично најавуваат од опозицијата, би го презело управувањето со државата. Би било тоа институционално насилништво кое би изродило некаква нова хибридна влада без изборен легитимитет со исто таква кризна и со исто таква нестабилна поддршка во еден таков реконпониран парламент.
Па, дали е на повидок некакво ново Пржино или сепак партиските субјекти од власта која е во нокдаун и од опозицијата која е во неприродна еуфорија, ќе се знае бргу. Некакво ново Пржино е можеби поизвесната варијанта. Но, проблематичното е што за разлика од претходните Пржино 1,2, па и 3 што тогаш ги модерираше и ги моделираше меѓународната заедница, поконкретно Европската Унија, сега и таа самата е соочена со сопствените бирократско институционални проблеми. Згора и со енергетската и пандемиската криза и поради тие и таквите околности, малку тешко дека таа би можела со идентична со посветеност да ги троши своите дипломатски сили на нас, на нашите неисцрпни меѓупартиски конфликти.
Сè на сè, нè чека долга, студена и мрачна зима. Република Северна Македонија е соочена со нова неизбежна политичка, институционална, а во овие околности, и со економска и социјална криза од непредвидливи размери.
Па, што е, тука е. Народот, нели, е во право и кога греши и нешто многу место за оптимизам нема.
Но затоа пак, место за нови битки – секогаш има.