Правото на рамноправно учество во изборните процеси за лицата со попреченост ги вклучи засегнатите страни во истражување на можностите и опциите за постигнување на поправедна застапеност на лицата со попреченост во изборните процеси, на тркалезна маса „ Учеството на лицата со попреченост во изборните процеси“.
Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) со овој настан се обиде да отвори дебата меѓу засегнатите страни со цел придонес не само кон подобри законски и политички решенија за лицата со попреченост, туку и кон подобро општество за сите.
Говорници на настанот беа претседателот на ДИК, Александар Даштевски, Благица Димитровска, претседателка на Инклузива и професорката Маргарита Цаци Николовска, Институт за човекови права.
Претседателката на Инклузива, Димитровска во своето обраќање направи ретроспектива на трнливиот пат за инклузија, како во изборните процеси, така и во политичкиот и општествениот живот на лицата со попреченост. Истовремено ги истакна и процесите и потребите на кои уште и во континуитет треба да се работи.
Во своето обраќање претседателот на ДИК, Даштевски даде осврт на улогата и ингеренциите на институцијата во однос на изборните права на лицата со попреченост. Даштевски се осврна на постигнатите резултати, кои, не секогаш се во надлежност на ДИК, како и на соработката со Инклузива, како и со ИФЕС.
Посочувајќи ја Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Даштевски изјави дека за ДИК сѐ уште не постои правен основ и објективни надлежности да ги применува од оваа конвенција во изборниот процес, бидејќи истите од страна на Парламентот не се имплементирани во Изборниот законик.
Професорката Николовска за потребите на настанот, но и проектот на ИФЕС, подготви анализа „Етика и интегритет на изборен процес за лицата со попреченост“.
Според Николовска, Уставот и националните регулативи на Северна Македонија и дозволуваат да ја спроведуваат Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, со оглед дека како држава е обврзана со нејзиното ратификување.
Во својата анализа Николовска заклучува дека Законот за политички партии и Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги треба да содржат јасно дефинирани одредби што на лицата со попреченост ќе им обезбедат еднаквост, учество и недискриминација во изборните процеси, правната регулатива за изборниот процес целосно да го почитува принципот на етичност и интегритет од КПЛП, да се најдат мехманизми преку кои ќе се соберат податоци за постоење на лица со попреченост на сите што имаат избирачко право…
На настанот учесниците ја истакнаа својата соработка и поддршка, особено ДИК ја истакна важноста на Инклузива за нивно активно работење за остварување на изборните права на лицата со попреченост.
Тркалезната маса е дел од проектот Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија на Владата на Швајцарија, имплементиран од ИФЕС. Главната цел на проектот е да ги поддржи демократските и кредибилни изборни процеси што го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција, овозможувајќи им на гласачите слободно да ги избираат своите претставници и да ги повикуваат на одговорност.
Биљана Јордановска