пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Поединци, групи или цели народи се стремат кон идеалите и се надеваат дека некогаш ќе ги остварат. Но сепак, до идеалите се доаѓа со верување во вредности кои се сметаат за прифатливи и блиски на поголем број лица. Кога ќе се постави некој идеал, тој станува точка на стремење во некоја блиска или најчесто далечна иднина.
За да се достигнат идеалите, или за да се оди по патот до нивното остварување, мора да се има јасна програма, некој план на активности што целта ќе ја направи достижна.
Вака теоретски поставени дефинициите изгледаат едноставни, но во суштина се најкомпликуваната активност на човештвото. Идеалот на едните, не мора да биде ист и за другите и многу често токму тој е препрека за остварување на сопствените идеали. Она што е видливо и треба да е прифатливо за што поголем број на луѓе е програмата која ќе се остварува етапно, во континуитет, но на корист на што е можно поголем дел од заедницата. Овие мисли ги напишал Плеханов пред стотина години.
За да се прифатат идеалите и програмата, треба да се има во предвид, начинот на презентирање пред заинтересираните слушатели и поддржувачи. Да ги направите активни учесници во процесот на остварување на целите, морате да ги убедите поддржувачите дека во целата постапка ќе биде вградена и нивната волја и нивниот труд.
Така, програмата станува заеднички прифатен систем на вредности кој секоја единка го чувствува како свои и како сопствено убедување. Носителите на активностите мора да се израз на уверувањата на најголемиот дел на учесниците, дека тие се соодветни на целите. Лицата кои се избрани, мора да се израз на процесот на ускладување на интересите и целите на најголем број на учесници, во целиот процес на персонална поддршка на прифатената програма и програмски цели.
Затоа јасните принципи на избор на партиски органи и тела, како и личностите што ќе ги водат тие тела, сѐ од најважен ранг во постигнувањето на причината поради која и се основаат партиите – можноста да се практикува власт, како услов за остварување на програмата и идеалите поставени како нејзини највисоки цели. Клиентелизмот и парцијалните интереси секогаш ќе постојат, но нема да бидат загрозувачки, ако во целиот процес се вклучат што е можно поголем број членови. Како во максимата „можеш да ги заведуваш некои членови цело време, можеш да ги заведуваш сите одредено време, но не можеш да ги заведуваш и заведеш сите цело време“.
Во моментов, двете најголеми партии сѐ во процес на избори. Едните веќе си избраа и кажуваат дека постигнале врв на демократија преку непосредните избори, другите кажуваа пред некое време дека имале најдемократски Статут, ама пак истиот тој Статут, од истата таа партија, некои други нивни членови, го спорат како најнедемократски и донесен на недемократски начин. И двете постапки за избор се најдемократски, и двете се врв на демократија, а немаат врска eдно со друго, или пак имаат, или можеби се разликуваат… или се разликуваат, ама само малку? Хммм, кој знае… кој ќе им го фати крајот?!
И сега, изборите во СДСМ – врв на демократијата!?
Пред да дадам каков било коментар, ќе ги потсетам читателите од мојата генерација на емисијата „Невен“. Тие кои се сеќаваат, ќе се сетат на … „Питам се питам….. Их, та немојте касти!“
Така некако ми доаѓа оваа „демократија“ – их, та немојте касти!
Ќе свириме на фанфари, ќе удриме на тапани, ќе креваме врева на сите страни, демек, сакаме демократија – ЕВЕ ви демократија. Излезете на избори, секој нека си го даде гласот по сопствено убедување, како ќе одлучите вие, така ќе биде. Е, да, ама и во времето на едноумието имаше такви избори, во времето на авангардата на работниот народ и демократскиот централизам, нели? Излегуваш да го гласаш единствениот кандидат, а на крај не е важно кој гласал, туку кој ги брои гласовите.
Уште поголема смејурија ќе беше ако за овие избори се ангажираше ВМРО-овскиот претседател на ДИК, за да обезбеди регуларност на изборите. Можеби изгледа нелогично, но и не е многу далеку од памет. На изборите во СДСМ учествува 60.000 гласачи, тоа се богами два-три солидни града во нашата Македонија. За избори од 60.000 гласачи се потребни сериозни подготовки, гласачки места, гласачки кутии, обезбедување од полиција, па регулирана кампања…. е како такви избори, а без ДИК? Нешто не ми штима! Ние и кај контролиран процес од ДИК не ги признаваме резултатите, ама за избори кај кои за регуларноста се грижи партиското обезбедување кое е под контрола на актуелниот лидер – молк, не чепкај таму!
Како и да е, за да може да се каже дека се одржуваат демократски избори, најпрво, пред сѐ, МОРА да има избор! А нека простат најзагрижените поддржувачи на СДСМ, овде избор НЕМАШЕ! Не го напаѓам Зоран Заев, не го ни фалам, тоа си е нивна работа. Во некоја друга прилика можеби ќе зборувам за тоа што го мислам за неговите перформанси. Сега зборувам за чинот, за постапката.
Си поставувам прашање – дали вакви избори се врв на демократија или се врв на лицемерие? Можеби се и врв на точно спротивното – врв на маскирана автократија? За да дојдам до одговорот, ќе го прашам следното: кои му беа опциите на еден член на СДСМ во овој момент, како и што тој можеше да одлучи, а со сопствената одлука да нѐ и наштетеше на партијата?
Ако сакал да го поддржи Заев, си излегол да си гласа и си гласал ЗА. Не е ништо спорно. Причините се негови, не смееме да навлегуваме во тоа. Дали е затоа што навистина е убеден дека е Заев најдоброто решение, дали мисли дека еве сега тој е лидер, па мора да сум за него, дали од …. но, нели реков дека нема да навлегуваме во тоа.
Но, што правиме ако некој член НЕ го поддржува Заев, кои му се опциите? Е, овде доаѓаме до врвот на „демократијата“ во искривено огледало. Ако не излегол да гласа, му се намалуваат шансите за партиски привилегии и сите кои се во структурите на партијата ќе го гледаат попреку. Не станува збор за имање-немање храброст, станува збор за реална состојба во која самиот се доведуваш во конфликтна ситуација со „соборците“ – па, нели сме сите на иста страна, или не сме? И како ќе одиме на следните избори ако ти „не си ја сакаш партијата“? Ти си предавник!
Ако излегол да гласа и гласал „ПРОТИВ“, тогаш директно на политичкиот противник му дава муниција да пука против неговиот лидер, бидејќи ќе имаат легитимно право да кажуваат дека „него неговите не го сакаат, а тој се прави лидер на државата“. Колку некој од СДСМ да не го сака Заев, сепак некако помил му е од Мицковски. Ако пак гласал „ЗА“, тогаш гласал спротивно на сопственото убедување. А тоа пак, ИЧ не е демократски, колку што јас ја сфаќам демократијата. И ај, нека ми каже некој, колку од гласовите на Заев се затоа што некој гласал од лично убедување дека тој е единствен, незаменлив и со тоа најдобар, или затоа што реално немал друг избор? Има некој што може да гарантира? Прекрасен модел, нема што!
И, другари и другарки, питам се питам, каде е демократијата овде? Во непосредните „демократски“ избори? Их, та немојте касти!
И нешто за двата конгреси на една партија…
Најавениот конгрес на иницијативниот одбор на членови на ВМРО ДПМНЕ е одложен. Добредојдена е оваа короната кога сакаме да ја употребиме во политички цели. Арно ама виси прашањето, демократски ли е да бараш отчет од претседател кој сам си го изгласал, а не си го избрал, зошто изборот претпоставува најмалку два кандидата и две програми. Ако тогаш си молчел што немало избор, туку гласање во ќорава кутија, сега не можеш да се повикуваш на светите демократски правила за слободниот избор. А и искуството не е нешто богато со демократија, зошто во Куманово исто немаше избор, туку редица на гласачи за еден кандидат. За есенскиот конгрес на истата партија, но овој пат под раката на актуелното раководство, истите сомнежи остануваат. КОЈ И КАКО ЌЕ ГИ БИРА ДЕЛЕГАТИТЕ НА КОНГРЕСОТ? Затоа да не им баксузираме пред рака, да почекаме да го почнат процесот, иако навиките тешко се менуваат.
И богот Јанус имал две лица, ама ниту едното не било убаво. Затоа успешните општества гласаат за принципи, програми и по процедура која однапред е договорена и се почитува како општо прифатена вредност. Изгледа токму заради тоа и се успешни заедници на граѓани пред сѐ. Во нашето секојдневие, политичките партии во патот кон демократизација често се губат, па дури и се загубат. Ниту тие знаат каде се, ниту ние можеме лесно да ги пронајдеме.
Ние од сѐ си правиме шега, а една од омилените теми за мајтап во последно време ни е демократијата. Зошто да не, кога ни се може? Можеби затоа ми доаѓа непријатно кога видам како некои наши познати „умни глави“ даваат сериозни коментари, прават сериозни анализи, кажуваат длабокоумни мисли, а во суштина, сѐ е една голема зае*****ја! Па и овој коментар е нешто слично.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.