Локалните жители и очевидци велат дека десетици израелски тенкови и воени возила навлегле во голема станбена област во Газа, на вториот ден од израелската копнена офанзива насочена кон окупирање на областа, пренесува Би-би-си.
Видео снимките покажуваат тенкови, булдожери и оклопни транспортери како се движат по рабовите на Шеик Радван, во северниот дел на Газа. Густи облаци од чад може да се видат додека израелските сили пукаат со артилериски гранати и чадни бомби за да го покријат своето напредување.
Областа Шеик Радван беше дом на десетици илјади луѓе пред војната и се смета за една од најгусто населените области во градот.
Израел вели дека целта на неговата офанзива во Газа е да ослободи заложници што ги држи Хамас и да порази до 3.000 борци во она што го опишува како „последно упориште“ на групата – но операцијата предизвика широка меѓународна осуда.
Лидерите на повеќе од 20 големи агенции за помош, вклучувајќи ги „Спасете ги децата“ и „Оксфам“, предупредија дека „нехуманоста на ситуацијата во Газа е неоспорна“.
Жителите на Шеик Радван рекоа дека упадот во среда следел по бран тешки воздушни напади насочени кон згради и главни улици низ населбата, во она што се чинеше како подготовка за копнен напад.
Д. Мишев