Нерамномерниот напредок во развојот ги остава најсиромашните земји назад, продлабочувајќи ја нееднаквоста и заострувајќи ја политичка поларизација на глобално ниво. Резултатот е опасен застој во развојот на човештвото кој мора итно да се реши преку заедничка акција, се вели во новиот извештај објавен денеска од страна на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).
Извештајот за човековиот развој (HDR) за 2023/24 година, насловен „Излез од ќор-сокакот: Потреба од нов вид соработка во поларизираниот свет“, открива еден вознемирувачки тренд: Глобалниот индекс за човечки развој (HDI) – збирен показател што го одразува Бруто националниот доход (БНД) по глава на жител, образование, животен век – покажа дека светот бележи делумен, нецелосен и нееднаков раст. Се предвидуваше дека човековиот развој ќе достигне рекордни височини во 2023 година по големите падови во текот на 2020 и 2021 година. Но, овој извештај покажа дека напредокот е длабоко нерамномерен. Богатите земји доживуваат рекордно високо ниво на човечки развој додека половина од најсиромашните земји во светот остануваат под нивото на напредок што го имаа пред кризата.
Глобалните нееднаквости се поттикнати со значителна економска концентрација. Како што се наведува во извештајот, речиси 40 проценти од глобалната трговија со стоки е концентрирана во три или помал број земји, а во 2021 година, пазарната вредност на секоја од трите најголеми технолошки компании во светот го надмина Бруто домашниот производ (БДП) на повеќе од 90 проценти од земјите во таа година.
„Проширувањето на јазот во човековиот развој детектиран во извештајот покажува дека дводеценискиот тренд на постојаното намалување на нееднаквостите меѓу богатите и сиромашните земји сега оди во обратна насока. И покрај нашите длабоко меѓусебно поврзани глобални општества, ние потфрламе. Мора да ја искористиме нашата меѓузависност, нашите капацитети, да одговориме на заедничките и егзистенцијални предизвици и да осигураме дека излегуваме во пресрет на потребите и аспирациите на луѓето“, рече Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН.
„Овој застој има значителна човечка цена. Неуспехот на колективните напори за продолжување со акцијата за климатските промени, за дигитализација или подобрување на состојбите со сиромаштијата и нееднаквоста, не само што го попречува развојот на човештвото, туку и ја влошува поларизацијата и дополнително ја подрива довербата во луѓето и институциите ширум светот“.
Извештајот открива дека напорите за унапредување на меѓународната заедничка акција е попречено од новиот „парадокс на демократијата“: Додека 9 од 10 луѓе ширум светот ја поддржуваат демократијата, повеќе од половина од испитаниците во глобалното истражување даваат поддршка за лидерите кои можат да ја поткопаат демократијата со заобиколување на основните правила на демократскиот процес. Половина од испитаните луѓе ширум светот изјавиле дека немаат или имаат само ограничена контрола врз своите животи, а над две третини сметаат дека имаат многу малку влијание врз одлуките на владата, соопштија од УНДП.
Извештајот ја нагласува потребата од реконструкција на глобалната меѓузависност и предлага четири области за итна акција:
– Планетарни јавни добра – за климатска стабилност, додека се соочуваме со невидените предизвици на Антропоценaта епоха;
– Дигитални глобални јавни добра – за поголема правичност во искористувањето на новите технологии за еднаквост човечки развој;
– Нови и проширени финансиски механизми, вклучително и нова патека во меѓународната соработка што ја надополнува хуманитарната помош и традиционалната помош за земјите со низок развој;
– Укинување на политичката поларизација преку нови пристапи на владите фокусирани на зајакнување на гласот на луѓето во дискусиите за справувањето со дезинформации.