На вториот ден од Меѓународната конференција „E-Општество – Отворени институции и отчетност“, што ја организира Фондацијата „Метаморфозис“ се одржа панел-дискусијата „Медиумите и доброто владеење – Борба против дезинформации“, на која учестуваа Сеад Џигал, Владимир Петрески, Марјан Забрчанец, а модератор беше Горан Ризаов.
„Дезинформациите функционираат како вирус. Се случува и лесно ширење на пораките кои ја зголемуваат омразата. Оживеан е феноменот на политики на омраза, при што преку смислени стратегии и планови на политичко организирање, се шири омразата преку социјалните мрежи, бидејќи нема филтри на заштита“, изјави Сеад Џигал, од Меѓународен балкански универзитет.
Тој додаде дека според едно истражување, веб-страниците кои шират лажни вести генерираат 200 милиони долари, при што станува збор за економски исплатлива и опасна појава.
Посебниот советник за односи со јавноста на премиерот Зоран Заев, Марјан Забрчанец, ексклузивно открива дека пред неколку дена бил разоткриен хибриден напад врз кабинетот на премиерот, при што бил злоупотребен идентитетот на младата еко-активистка, Грета Тунберг.
Тој во своето излагање соопшти дека манипулаторите употребиле брендирани е-мejл адреси и телефонски броеви, и преку официјално барање до македонско дипломатско претставништво, успеале да закажат и да реализираат телефонски разговор со премиерот Заев, претставувајќи се како Грета Тунберг и нејзиниот татко.
Одредени делови од разговорот биле сомнителни за премиерот и за неговите советници, но сепак била донесена одлука разговорот да оди до крај, со цел да се разоткрие сомнежот.
„Веднаш после завршениот разговор, ги направивме сите проверки за верификација на идентитетот на соговорниците, и денес со сигурност можеме да кажеме дека разоткривме хибриден напад врз кабинетот на премиерот. После разоткривањето, стапивме во контакт со семејството на Грета, ги известивме за сите детали, ги известивме дека ќе објавиме во јавност, а од таму добивме одговор дека и тие се многу вознемирени од ваквите вести, дека ќе пријават за злоупотребата до надлежните органи, и дека се многу благодарни што сме ги информирале за оваа злоупотреба“, додаде Забрчанец.
Уредникот на „Вистиномер“ и „КриТинк“, Владимир Петрески, изјави дека иако во јавноста постојат одредена мислења дека не требаат сервиси за проверка на факти, сепак тоа е неопходно и дека со сервисите за проверка на факти, вистината добива глас и без нив, бројот на лаги би бил поголем.
„Мора да се вложат големи познавања, употреба на технологија, за проверката на фактите да стигне до публиката која ја прочитала лажната вест“, додаде Петрески.
Текст и фотографија: А. Петровска
Камера и монтажа: А. Мехмети