Кривичниот совет на одделението за борба против организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ја прифатил жалбата на адвокатот на Миле Јанакиески и на ексмимистерот за транспорт и врски му одредил мерка куќен притвор.
“Жалбата на обвинетиот М.Ј. се уважува, а решението на судија на претходна постапка се преиначува со тоа што спрема обвинетиот се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на причините од член 165 ст.1 т.1 и 2 од ЗКП, се забранува комуникација на обвинетиот со лицата опфатени во кривично правниот настан без дозвола од судот” – се вели во соопштението на судот.
Од друга страна, жалбата на обвинетиот Спиро Ристовски се одбива како неоснована и се потврдува решението на судија на претходна постапка, со што тој останува во 30-дневен притвор во затворот Шутка.
Двајцата се меѓу петте осомничени како организатори на нападот на Собранието на 27 април 2017 година. Освен нив, осомничени се и поранешниот председател на Собранието Трајко Велјаноски и експремиерот Никола Груевски. За Велјаноски денеска започна постапка за одземање на пратеничкиот имунитет, но тензичната седница на матичната собраниска комисија беше прекината во 18:00 часот, а продолжението се одложи за утре во 12:00 часот.
А. Зеќири
фотографија: Киро Попов/kolektif.mk