„Изминатата година бевме дел од еден регионален проект кој што се вика „Холокаустот на Балканот – истражување, едукација и сеќавање“, каде беа вклучени повеќе балкански држави, меѓу кои и Македонија. Во рамки на овој проект младите луѓе имаа можност да учествуваат на студентски посети во секои од главните градови. Преку овие студентски посети младите имаа можност да се запознаваат со оваа важна тема. Меѓутоа, да не се запознаваат само фактографски, како што најчесто имаат за тоа можност преку учебниците во рамките на своето формално образование, туку малку и да ја прошират темата“, вели Ирина Јаневска од Здружението за социјални иновации „Арно“.
Јаневска вели дека темата за Холокаустот не е доволно актуелна во граѓанскиот сектор, а дека има многу простор да се обработува не само од аспект на историја, туку и од аспект на она што нè има научено како најголемата лекција од минатото, во рамки на дискусија за човекови права и дискриминација.
Првата причина за спроведување на овој проект за Јаневска е фактот што нејзиното семејство, за време на Холокаустот, се обидувало да сокрие едно еврејско семејство и според неа тоа претставува еден голем обид за покажување на човечност.
„Друга причина е затоа што сметаме дека младите не знаат доволно за темата и не се активно вклучени во искажување на нивните ставови и мислења. Затоа се одлучивме и за завршниот настан од проектот да организираме еден конкурс за најдобар есеј на тема „Холокаустот во Македонија“ и конкурс за дизајн за разгледница“, додава Јаневска.
На конкурсот за разгледници пристигнале вкупно 14 творби, а младите имале слобода да се изразат со различни формати, со фотографија, илустрација или рачно исликано дело.
„Жирито имаше задача да ја избере најдобрата разгледница. Станува збор за визуелното решение на Симона Славкова која што е млада студентка од Скопје. Таа се одлучила да издизајнира една разгледница со куфери, на која што пораката е: „Куфер полн сеќавања. Никогаш да не се заборави Холокаустот во Македонија“. Нас ни се допадна симболиката, зашто куфер е нешто што и денес младите во овој глобален свет го носат на своите патувања и истражувања на себеси и светот, меѓутоа куферот е симбол и за нешто што го носиме од минатото со себе и не можеме да го отфрлиме. Но, според Симона овој куфер има и друго значење за неа. Куферот во средина има насмеано човече, тоа е затоа што таа верува во филантропијата и човештвото и во младите генерации кои нема да заборават на ова“, додава Јаневска.
Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска