Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на шест години затвор за злоупотреба на службената положба за случајот „Тенк“, односно за набавката на мерцедесот од над 600 илјади евра.
На Јанкулоска ѝ се судеше во одвоена постапка поради бременост, а судењето почна во август откако таа се породи. Пред пет дена, таа се расплака пред судот, тврдејќи дека е невина.
Јанкулоска не се појави на денешното изрекување на пресудата, бидејќи во меѓувреме во тек е судењето за предметот за масовното прислушување „Таргет Тврдина“, на СЈО.
Судечкиот совет го прифати предлогот на специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, и на екс министерката Јанкуловска и изрече мерка на претпазливост, односно забрана за напуштање на престојувалиштето, живеалиштето.
За истиот предмет Апелациониот суд ја потврди пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски, на 2 години затвор, а со затворска казна од четири ипол години е осуден Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер за внатрешни работи.