На прес конференција, Игор Јанушев, генсек на ВМРО-ДПМНЕ смета дека проверката на багажниците на возилата е полициска бруталност. Ги пренесуваме изјавата и одговорите на новинарските прашања, што ги објави прес центарот на партијата:
Да кажеме вечерва дека ова што се случува е удар врз демократијата во најмала рака ќе биде трагикомично. Ова што вечерва се случува е дно! ВМРО ДПМНЕ е под полициска опсада! Членови на партијата се претресуваат и вознемируваат од страна на полициски службеници! Никогаш, ама никогаш во историјата на независна Македонија немало примена на ваква сила врз партија во опозицијата. Ова е класична злоупотреба на полицијата во партиско-политички цели! Ова е хајка и линч врз сите кои мислат поинаку. Режисерите на ова сценарио сакаат да ги заплашат сите кои мислат поинаку и се противат на капитулантската, антимакедонска политика на аболицираниот Заев.
Во ваквиот прогон Заев ги злоупотребува и медиумите. Она што вечерва го прават неговите орди не е помирување туку дополнително зовривање на политичката криза. Овој притисок е удар врз опозицијата и тој нема да помине туку така. ВМРО ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни, демократски и сите неоходни средства за да застане на патот на злоупотребата на институциите и обидот за замолкнување на опозицијата. ВМРО и Македонија се жртви токму на неспособноста на аболицираниот Заев. Година и половина ја уништуваат сопствената држава и сето тоа го прикриваат со политички прогон кој кулминираше вечерва и според нашите информации нема да престане.
Ако мислите дека ќе не заплашите, се лажете! Добро ве знаеме. Ќе дојде денот кога за ова ќе одговарате и вие кои го извршувате ова сценарио и оние кој што го нарачаа и организираа по наредба на Заев. Доколку полицијата поседува налог и навистина се сомнева дека Никола Груевски е во штабот позади, може да дојде и со нас да провери. Ова е политички прогон, ништо повеќе, ништо помалку.
Прашање, новинар: Господине Јанушев се шпекулира дека господинот Груевски се крие во партиското седиште?
Одговор: Ако ме слушавте, во последниот дел од мојата изјава, тогаш доволно јасно кажува, ако ме прашувате лично каде е, пред малце моето возило и јас бев лично претресен и идентификуван и немам сознанија каде е.
Прашање, новинар: Кога последен пат имате контактирано со господинот Груевски?
Одговор: Јас лично немам контактирано повеќе од осум месеци.
Прашање, новинар: Како го коментирате ова, како поранешен претседател на партијата, ако е невин зошто го нема, ако е политички прогон зошто би се криел од органите на правдата?
Одговор: Не можам да коментирам ништо во име на друг. Ова што се случува е политички прогон и повторно напад врз опозиционата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Прашање, новинар: Имаше обид полицијата да влезе внатре или имате некаква најава бидејќи рековте според вашите информации ова нема да престане?
Одговор: Од неофицијални информации кои што ги слушаме, најразлични работи се шпекулираат, меѓутоа она што сакаме да веруваме е дека полицијата по наредба на Заев и Оливер Спасовски нема да се дрзнат да влезат во штабот на партијата. Меѓутоа како што кажав доколку поседуваат налог можат слободно да дојдат ќе ги прошетаме во наше присуство да се уверат дека Никола Груевски не е во штабот.
Прашање, новинар: Кога последен пат бил во штабот?
Одговор: Немам информација, претпоставувам 6,7, 8,9 месеци.
Прашање, новинар: Дали значи тоа дека изминативе неколку дена од петоков наваму воопшто не се појавил, не се сретнал со никого?
Одговор: Да токму тоа само што го соопштив сега.
Прашање, новинар: Каде се вршени претреси на други места, кажувате дека кај други членови и функционери на партијата?
Одговор: Па мислам дека сите имавте прилика на излезот од штабот да се уверите колку многу луѓе беа претресени без разлика дали излегуваа од штабот или од катната гаража ,,Тодор Александров’’. Ако не е тоа злоупотреба и покажување на полициска бруталност и сила тогаш не знам што е.
Прашање, новинар: Добро што ви кажаа дека во колата го бараат Груевски?
Одговор: Ништо не ни кажаа, ми бараа да се идентификувам и да го отворам гепекот да проверат, што е навистина смешно и трагично и затоа кажав дека ако не беше ова да кажам дека е удар на демократијата ќе биде трагикомично.
Прашање, новинар: Господине Јанушев ова е чисто заради нашиот интегритет на новинари, кои се тие новинарски загари, можете ли да ги именувате по име и по презиме затоа што тоа е сериозна навреда кон медиумската фела, ако сме загари затоа што трчаме по битни настани што сме сега ние овде што ве чекаме повеќе од 40 минути?
Одговор: Ако имаме ситуација каде што при шпекулација дека Никола Груевски се крие во штабот и упорно сите медиуми доаѓаат во штабот за да проверат, тогаш сигурно дека немаше полиција имаше дојдено овде со некоја делегација, полицијата беше на излез на некои 300 метри од тука така да нема потреба за дополнителен коментар за тоа.
Новинар, прашање: Дали ќе се извините, бидејќи ние чувствуваме навреда како фела.
Одговор: Ако партијата било кого лично навредила и ако некој се почувствувал навреден тогаш еве во име на партијата сега се извинувам.