Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера добил смртна закана преку писмо во кое испраќачот бара ослободување на новинарите од „Алфа“,Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, пренесува Слободен печат.
„Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, стои во заканата до Јовески.
Писмото стигнала до Јовески од Битола, а било адресирано лично до него.
„Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, слободно да бидат ослободени бидејќи се новинари кои се од највисоки еминентни и заслуги и имаат астрономска поддршка насекаде низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ. Љубомир Јовески ослободете ги еднаш, ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, се вели во писмото.
Јовески на ваквите закани возвраќа дека се залудни.
„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство. Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката“, велат од обвинителството.
. Пред извесно време до Основното јавно обвинителство беше поднесена кривичната пријава од Агенцијата за разузнавање за новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, кои беа поканети за давање исказ во ОЈО, по повод , како што стои во пријавата, издавање државни тајни во емисијата со наслов „Заспиј ако можеш“ што се емитуваше на ТВ „Алфа“ на 11 јануари 2021 година.