Јавниот обвинителот во аферата „Меѓународен сојуз“, Трајче Пеливанов побара од судот да ги прогласи за виновни првообвинетиот Бојан Јовановскии неговите соработници Јасна Ерцеговиќ, Христина Блажевска и Фросина Ременски.
Тој во своите завршни зборови истакна дека во процесот се докажало дека обвинетите ги сториле делата за кои се обвинети. Здружението на Бојан Јовановски, иако имало и неколку хумани акции, тие биле со цел да се остави добар впечаток во јавноста, односно за да се случи почетокот на големата измама направена за задоволување на личните материјални интереси на обвинетиот Бојан Јовановски, а таа измама не можела да се оствари доколку покрај него не биле обвинетата Јасна Ерцеговиќ, Фросина Ременски и Христина Блажеска.
– Јовановски ги манипулирал за тој да ги остварува личните цели. И двајцата оштетени изјавија дека прво им бил презентиран проект за изградба на дом за возрасни лица, а за таа намена ќе било обезбедено државно земјиште. Склучиле договори. Ременски била присутна речиси на секој состанок со оштетените. Тие пак сведочеа дококу таа не била присутна, немало да ги склучат договорите, бидејќи таа им влеала доверба и сигурност дека проектот ќе се реализира, бидејќи имале поддршка од власта. Многу успешно ја одиграла својата улога, а тоа е дека зад проектот стои извршната власт. Таа, била многу повеќе од само почесен претседател на невладината. Таа се крие зад својата функција, а при претресот во нејзиниот дом произлегоа докази за нејзината вмешаност. Претресот беше направен во нејзиниот дом, а не во Собранието, каде што беше потпретседател. Таа ја користела функцијата за да му помогне на Јовановски во остварување на неговата цел. Свесно му помогнала на Јовановски во извршувањето на кривичното дело – нагласи Пеливанов.
Во процесот „Меѓународен сојуз“ покрај Бојан Јовановски-Боки 13, обвинети се и поранешната пратеничка Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки – 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Бојан Јовановски е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажеска за помагање во измамата и перењето пари, додека Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.