ВОЈО МАНЕВСКИ
Пред да продолжам со темите околу локалната самоуправа, во пресрет на лoкалните избори, морам да ви изнесам две мислења што сум ги запишал уште пред 14 години. Се работи за интервјуа што ги правев со тогашната претседателка на СДСМ Радмила Шекеринска и министерот за финансии Трајко Славески. На моето прашање за полнењето на јавните претпријатија со исклучиво партиски кадри, Шекеринска ми одговори – „тој процес ќе заврши со јакнењето на приватниот сектор и со границата кога ќе се доведат јавните претпријатија во опасност за нормално функционирање. Економската логика ќе доведе до регулација. Но со политиката на сегашната влада тој процес ќе се одолжи“.
Професорот Славески како министер за финансии ми одговори – „оправданоста на вработување во јавниот сектор е можна само кога тие ќе зајакнат и од нивната зголемена дејност ќе се појави потреба од нови работни места што ќе го зголемат квалитетот на услугите за кои е формирано јавното претпријатие. Тоа е целта на нашата политика“.
Од тогаш приватниот сектор зајакна во некои делови, но сѐ уште атрактивноста на вработувањата во јавните претпријатија не се намали. Квалитетната понуда на кадри за овој сектор навистина е намалена, но од други причини. Сеопштата партизација го поттурна возот на иселувањето од државата. Па сега на располагање се партиските и роднинските листи на невработени лица. Посебно кога се работи за високоплатените јавни претпријатија на државно или локално ниво.
Ставот на Шекеринска не се потврди ни кога таа повторно стана министер.
Мислењето на тогашниот министер не се прифати и сѐ тргна прво со вработување на нови кадри, што не доведе до стабилизација и подобрување на квалитетот на услугите. Тој после две години беше сменет од позицијата министер за финансии.
Како со оваа појава, која ја намалува ефикасноста на јавните претпријатија, ќе се борат идните градоначалници и советници? Со прес- конференции и чекање, нашите да дојдат на власт, па да имаат шанса нашите кадри, секако дека нема ништо квалитетно да се промени. И најлошата девијација кога постане начин на живеење тешко се исправа, а таква е сегашната состојба со нашево општество.
Законот сето добро го регулирал, но тоа изгледа не е доволно. Ако пред 30 години имавме мислење за општествената сопственост како „сечија и ничија“ сега таа, како државна сопственост, навистина доби титулар, но тој сега е партијата која моментално е на власт.
Советот на општината заради задоволување на потребите на граѓаните на локално ниво формира јавни претпријатија. Некаде е само едно претпријатие, а некаде се неколку. Во најголемиот број локални самоуправи тие се на работ на рентабилноста, но има општини каде постојано општината им помага финансиски, а при тоа ги презема долговите кои јавните претпријатија ги презеле, земајќи кредити зашто таа е основач и ја има улогата на контрола на работата.
Според законот, Советот на општината ги усвојува сите главни документи на претпријатието, но и донесува годишна програма од која се финансира претпријатието. Ги усвојува и извештаите за работа и финансиските извештаи. Претпријатијата имаат и свои приходи од вршењето на својата дејност во водоснабдувањето и канализацијата, одржувањето на зеленилото и општата хигиена, урбанистички и други градежни услуги. Цените за ваквите услуги ги усвојува Советот на општината.
Ако се земе предвид големата загуба на произведената вода низ застарените водоводни мрежи (во Штип тоа е над половината од вкупно произведената вода) и разликата во фактурираната количина вода и нејзината наплата, лесно е да се пресмета дека јавното претпријатие секој месец има проблеми со финансиите. Најголема ставка во буџетот на јавното претпријатие се платите за вработените.
Структурата на вработените, пак, е посебна приказна кога се бара ефикасност на работата. Добар дел од нив имаат несоодветно образование за задачите кои се бараат од нив. Сѐ е покриено со условите на конкурсот каде се ставени скоро сите видови образование.
Пример за тоа е анализата на Европската банка за развој, која при доделувањето на кредит, констатирала една третина непродуктивни вработувања во јавното претпријатие во Штип.
Градоначалникот го избира директорот на јавното претпријатие од кандидатите пријавени на јавен конкурс. Советот ги бира Управниот одбор и Надзорниот одбор. Разбирливо е дека за директор ќе биде избран човек во кој градоначалникот има доверба за добро вршење на работата со што и тој сноси одговорност за неефикасното работење на јавното претпријатие. Овде имаме многу често кршење на законот со поставување на вршител на должноста директор.
Иако законот определува само шест месеци на ваквата состојба, во пракса тоа често се претвора во скоро цел мандат на директорот со В.Д. статус. Некогаш тоа е поради несоодветното образование или потребното работно искуство на кандидатот, а градоначалникот бара свој човек во кој име доверба. Се разбира дека е човек од иста партија, но и од доверба на градоначалникот. Освен препорака да се излезе од В.Д. од состојбата, други постапки од надлежните институции досега немало.
Управните и Надзорните одбори се посебна приказна. Дури со измените на законот се подигна основата за избор на членови на овие органи. Досега беше според партиски списоци и не се водеше премногу сметка за квалификациите при вршењето на должноста. Како ќе се применува новиот закон допрва ќе видиме.
Мораме овде да напоменеме дека искуството покажува, кога се изберат претседатели на овие органи кои сериозно и во склад со законот си ја вршат својата одговорност, има добри резултати во раководењето на тие јавни претпријатија. Тоа се гледа во извршените годишни програми и финансиски извештаи.
Во тие претпријатија нема голема превработеност и има малку несоодветни образованија за работните места. Советниците овде мора да водат грижа за личностите на кои им ја даваат довербата, зошто тие ги усвојуваат документите што токму органите на управување на ЈП ги донесуваат, а на крај и самото работење на претпријатието зависи од ускладената работа на директорот, органите на управување и Советот, кога се работи за донесување на акти.
Јавните претпријатија мора да бидат рентабилни, зошто од тоа зависи квалитетот на услугите кон граѓаните. Во процесот на јавно приватно партнерство, советите донесуваа одлуки за намалување на несуштествените дејности на јавните претпријатија, но и таму не се подигна многу услугата, посебно кога довербата за соработка меѓу приватниот и јавниот дел секогаш е под голем сомнеж кај граѓаните за разни коруптивни појави.
За вакви случки нема да пишувам зошто тоа ќе значи директно мешање во кампањата пред изборите. И онака меѓусебни обвинувања меѓу учесниците нема да ни фалат. Одговорноста за состојбите во локалната самоуправа ја сносат и граѓаните зошто од нивниот глас зависи составот на Советот и кој ќе биде прв човек на градот.
До почетокот на кампањата остануваат уште неколку дена и тогаш ќе ги коментираме проектите што ќе бидат предложени од кандидатите за градоначалник и политиките за кои ќе се залагаат идните советници.
А граѓаните и нивниот менталитет се формира со правилата кои се доминантни како вредности во ова време. Вработувањето во јавните претпријатија најчесто значи услов за земање сигурна плата, без желба за напредување или докажување. Докажувањето и напредувањето зависат само од партиската припадност и местото во нејзината хиерархија. Треба само да се чека „мојата партија да дојде на власт“. Дотогаш, работи колку што мораш и ништо повеќе.
За крај, морам да ја напишам приказната која генијално го отсликува нашиот менталитет во ова време. Една стара еврејска мудрост вели: Не е добро на човек само да му дадеш риба, туку ако сакаш да му помогнеш научи го да лови риба.
Кај нас тоа доби дополнителна постапка. Научи го човек да лови риба и тој секој ден ќе оди да лови, а ти можеш да си одиш на кафе кај… Затоа треба да се внимава кој е тој што дава работа или „учи да се лови риба“. Мислам дека е јасна метафората.