„Море Сокол пие вода на Вардаро, Јане(ва) бело грло, Јане(ва) кротко јагне…“, утринава е приведен Сокол Митровски, екс градоначалникот на општина Ѓорѓе Петров, кој се товари за овозможување на незаконско приватизирање на земјиште. Во минатото бевме сведоци дека секој што се бунтуваше и беше против режимот на претходната власт, завршуваше зад решетки, дел од нив беа Љубе Бошковски, Велија Рамковски, Томислав Кежаровски… Судски процеси се покренаа и против сегашниот премиер, Зоран Заев, поранешниот премиер, Владо Бучковски… Листата е голема!
„Море ој Соколе ти јуначко пиле, море не виде ли јунак да премине…“, кога сме кај јунаците, од „бомбите“ слушнавме како претходната власт им се одмаздуваше на неистомислениците. Екс началникот на УБК, Сашо Мијалков во еден разговор, при апсењето на Љубе Бошковски, се фали: „Ја ветив една работа, од понеделник апсам! Тачно чекав да помине кампањата да видиме кој е кој, и од понеделник по изборите почињам со апсење“… Неговиот соговорник, додава: „И јас се изненадив, знаев дека ќе почнете со апсење, ама јас мислев од среда – среќен ден…“
Мијалков прецизира: „јас ветив дека ќе апсам, и почнав со најубавиот, лепотанот“… Се надоврзува соговорникот, дека на Канал 5 се пуштаа ексклузивни снимки од апсењето на брат Љубе, каде што се гледаа снимки како полициските Алфи го легнуваат на земја и му бутаат пиштол во уста, пришто додава – „уште Љупчо да го уапсите да ми направите ќејф, м…. да му ја е…! Мијалков завршува – „Ај ќе праиме муабет“!
Исто така слушнавме од „бомбите“ како Мијалков и Латас, главниот уредник на Сител, се ситат на апсењето на Бошковски – „Сега во затвор нека му прави друштво на Велија Рамковски, ха-ха-ха“…
Се поставува прашањето, дали новата власт ќе започне со реваншизам на неистомислениците? Дали среда е случајно или намерно избрана, бидејќи во бомбите слушнавме дека „среда е среќен ден“ – за апсење! По завршување на локалните избори, е приведен Митревски, меѓутоа, дали неговото апсење ја најавува правната пролет во Македонија и конечно тие што го прекршиле законот и ја злоупотребиле својата службена позиција ќе одговараат, или Митревски ќе биде „жртвено јагне“… Дали граѓан(к)ите ќе видат апсење на „големите ѕверки“, кои се осомничени од Специјалното јавно обвинителство, или ќе се задоволат со апсењето на „ситни риби“… Има уште многу „дали“, но, ќе има ли „затоа што“?
Инаку, веќе на социјалните мрежи, се одвива „обложување во живо“, кој градоначалник ќе биде следен приведен…
Дехран Муратов