„Треба да ја искористиме секоја шанса за напредок. Ние ќе направиме сѐ да ве убедиме дека можеме да бидеме фактор на успех, за нас, за регионот и за Унијата“, истакна министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на средбата со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија во Република Македонија.
Министерот Димитров ја реафирмираше заложба на државата за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ и неопходноста од обезбедување кредибилност на процесот на интеграција во ЕУ. Исто така, информираше за конкретните реформски активности, пред сѐ, во приоритетните сфери: правосудство, добро владеење, јавна администрација и следење на комуникациите.
ЕУ амбасадорите изразија поддршка и упатија охрабрувачки пораки за досегашниот ангажман на владата. Истовремено беше истакната важноста од континуирано одвивање на процесот на реформи како битна претпоставка за детерминирање на натамошниот тек и динамика на европскиот интегративен процес. Во тој контекст, амбасадорите ја нагласија неопходноста Република Македонија да се фокусира на имплементација на итните реформски приоритети.
Д.Муратов