Европската унија побара од руските власти да ги ослободат опозицискиот водач Алексеј Навални и околу 1.600 негови приврзаници кои беа уапсени при вчерашните протести. Навални организираше протести во 90-ина руски градови, во пресрет на утрешната четврта инаугурација на Владимир Путин за претседател на Русија.
Портпаролката на Европската унија Маја Коцијанчиќ изјави дека апсењето на демонстрантите, меѓу кои има и новинари, претставува нарушување на слободата на изразувањето.
– И покрај тоа што некои од демонстрантите немале дозвола да бидат на локацијата каде што се собрале, тоа не може да ја оправда бруталноста на полицијата и масовните апсења, изјави Коцијанчиќ.
Најсериозни беа судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Москва и Санкт Петерсбург, каде се уапсени околу 500 лица. (МИА)