Членовите на Иницијативата за внатрепартиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ Александар Михајлоски, Петар Богојески, Костадин Богданов и Драган Лазаров беа на работни состаноци во Европскиот парламент во Брисел, Белгија и остварија повеќе средби со политичари од Европскиот парламент, стои во соопштенитето на иницијативата.
Во дводневна посета реформаторите оствариле средби со членови на Европскиот Парламент од Европската Народна Партија (ЕPP) на кои се презентирани новата Декларација „Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Република Македонија“ и Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО ДПМНЕ.
„Констатиравме голема поддршка за унапредување и модернизирање на ВМРО-ДПМНЕ низ реформските процеси кои следуваат, а ќе придонесат Европската Народна Партија повторно да има силен партнер во Република Македонија. Во наредниот период таа поддршка и јавно преку пораки и настапи ќе биде дадена на Внатрепартиската инцијатива за реформи, со цел Македонија забрзано да се придвижи кон членство на ЕУ и НАТО, бидејќи на Македонија и треба силна, проевропска и конструктивна ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
Александар Михајловски, член на иницијативата смета дека средбите во Брисел ја потврдиле довербата во нив, не само на членството на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на политичарите од сестринските партии во Европа.
За реформаторите оваа поддршка недвосмислено кажува дека партијата треба да се реформира како предуслов за деизолција и враќање на угледот на ВМРО ДПМНЕ, кој во изминатите години беше нарушен со погрешни политики.