Најстрога можна казна за сите газди на фирми кои профитираат врз грбот на работниците и на најслабите, вели за ЦИВИЛ Медиа професорот Бранимир Јовановиќ, откако вчера директорката на УЈП, Сања Лукаревска, соопшти дека работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец април и мај, не им ги исплатиле на работниците.
Јовановиќ вели дека покрај тоа што работодавачите ќе мора да ги вратат парите на државата, тие мора да добијат и кривична одговорност.
„Државата треба јавно да ги објави имињата на фирмите кои не им ги дадоа парите на работниците туку си ги задржаа за себе, бидејќи јавноста има право да ги знае тие „јунаци“, додава тој.
Јовановиќ вели дека многу работници не знаат дека фирмата во која работат добила финансиска помош од државата за да им исплатат плати. Тој додава дека сите граѓани имаат можност да проверат каде и како се трошат народните пари, односно да проверат дали фирмата во која работат добила финансиска помош од државата преку опцијата open.finace.gov.mk.
Тој додава дека државата мора да покаже строгост и да ги казни фирмите и со тоа да упати порака дека секој ќе биде казнет ако погреши.
Јовановиќ додава дека државата треба во иднина директно да им префрли пари на граѓаните, нешто како што направија со платежните картички, но наместо картички да им префрлат пари, а не преку фирмите во кои работат како што беше до сега.
Дехран Муратов
камера и монтажа: Ариан Мехмети