Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески изјави дека за дисциплинската постапка за шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГК) Вилма Русоска треба да се обезбедат определени докази и за нив да се изјаснат обвинителите опфатени со постапката.
-Комисијата за дисциплинска одговорност го разгледа предлогот за покренување дисциплинска постапка и колку што сум информиран по тој предлог донесе решение за поведување дисциплинска постапка. Натаму знаете, во самата постапка треба да се обезбедат определени докази и треба да се произнесат јавните обвинители за кои се води оваа постапка, изјави Јовески, на новинарско прашање дали има новини во однос на дисциплинската постапка за Рускоска.
По тврдењата на обвинителката Рускоска дека четири години не бил правен надзор на работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Јовески рече дека подолго време не е направен надзор не само во тоа обвинителство, туку и во други, имајќи ги предвид состојбите со Ковид-19.
-Да, во овој период беше извршен надзор во определени обвинителства, но само онаму каде што тоа го налагаа потребите, рече Јовески, кој учествува на тркалезна маса на тема „Превенција и следење на корупцијата во судството“.
Републичкиот јавен обвинител, Јовески врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатиот месец донесе Решение за суспендирање на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.
Во меѓувреме, шефица на ОЈО за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска поднесе жалба до Советот на јавни обвинители на Решението за нејзина суспензија од Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија едногласно одлучи да се отфрли жалбата за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска како неоснована, со што се потврдува решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава со што обвинителката Русковска останува суспендирана од својата функција.












