Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија на денешната 63-та седница, која беше затворена за јавноста, едногласно одлучи да се отфрли жалбата за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска како неоснована.
Со ова се потврдува решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава со што обвинителката Русковска останува суспендирана од својата функција.
Советот денеска одлучуваше само за суспензијата, а во меѓувреме си тече дисциплинската постапка против Русковска и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.
На седницата не присуствуваше јавниот обвинител Љубомир Јовески поради конфликт на интереси.
Републичкиот јавен обвинител, Јовески врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатата недела донесе Решение за суспендирање на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.
Во меѓувреме, директорот на Управата за финансиска полиција, Муареми си поднесе оставка на фунцијата.
Обвинителката Вилма Русковска, минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители, со што, како што објасни Русковска, ги побива наводите во решението и „ова го смета за суспензија на правото и суспендирање на правдата“.
М.Д.