Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за „Дојче веле“ во однос на случајот „Јавна соба“ истакна дека се потребни измени и дополнувања на Кривичниот законик, со најавените кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“, за да се следи современиот развој.
„Oд обелоденувањето на случајот минатата година, во ОЈО Скопје оформен е предмет по кој беа издадени насоки и наредби за прибирање на потребните податоци и релевантни докази. Кривичното дело засегнува многу оштетени лица и се јавуваат поголем број на потенцијални сторители. Јавноста треба да знае, дека нашето постапувањето против правни и физички лица во странство е сложен процес, бидејќи е неопходна меѓународна правна помош и меѓународна соработка. „Јавна соба” е профил отворен на платформата Телеграм, со седиште во странска држава. Оттука, немаме законска можност да наредиме, укинеме, забраниме нејзино функционирање, ниту пак да наредиме за гонење на сторителите да ни ги дадат доказите. Според тоа, во вакви случаи преземањето на определени дејствија бара подолг временски период, но и подготвеност за соработка на странските правосудни органи. Истовремено, би сакал да напомнам дека има потреба од измени и дополнување на Кривичниот законик во овој поглед, односно потребно е законодавството да го следи современиот развој, но и развивање на соработката со надлежните странски органи“, вели Јовески.
Според него, со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме и истакна дека ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“.
„Од не помало значење е и јакнењето на јавната свест и големата улога на медиумите. Јавноста треба да биде едуцирана за потребата од заштита на сопствената приватност и приватноста на други лица и штетата која се нанесува на оштетените жртви преку вакви дејствија, објавување на нивни фотографии во сексуален контекст, особено кога станува збор за малолетни лица. Јавната свест е значајна и за охрабрување на граѓаните навремено да ги пријавуваат ваквите кривични дела, со што се обезбедуваат докази за откривање и казнување на сторителите и за ефикасен кривичен прогон“, додава Јовески.