Говорот на омразата и лажните вести се дел од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ. Секојдневно, на адреса на организацијата пристигнуваат голем број пораки во кои граѓанките и граѓаните известуваат за низа различни проблеми, кршење на човековите права, дискриминација, лажни вести и говор на омраза. Во екот на политичките кампањи за претседателските избори, говорот на омразата и лажните вести се сѐ поприсутни во јавниот дискурс.
Затоа, ЦИВИЛ ги повикува сите свесни и совесни граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на говор на омраза и во МВР, но и во ЦИВИЛ. Разобличувањето и осудата на носителите и „производителите“ на говорот на омразата и лажните вести и нивното јавно обелоденување е ефективен начин на борба против оваа грда општествена појава. Особено во отсуство на соодветна реакција од релевантните институции, важно е јавноста да се организира и да се одбрани од оваа деструктивна појава.
Говорот на омразата и лажните вести во ЦИВИЛ може да се пријават и анонимно. Важно е да се направи скриншот од постовите и коментарите што содржат говор на омраза и лажни вести, како и линковите од тие содржини, односно од нивните автор(к)и. Пријавувањето на говорот на омразата и лажните вести, како и за сите останати нерегуларности, е возможно и преку онлајн апликацијата на веб страницата Слободни избори, доколку се работи за изборен контекст. Во поширок контекст, пријавувањето може да се направи со испраќање на Фејсбук порака на ЦИВИЛ или преку е-пошта: [email protected].
Коментари и постови со говор на омраза на социјалните мрежи и во медиумите може да се пријават и во МВР. На веб страницата на МВР постои Црвено копче на кое може да се пријави злоупотреба на деца, трговија со луѓе и криминал од омраза и повикување на насилство.
На располагање на совесните граѓанки и граѓани е и мејл адресата [email protected] на која може да се пријавува говорот на омразата. Во пријавата, треба да се наведе име на корисникот и линк до интернет содржината.