Нашата држава мора да посвети поголемо внимание на економските проблеми. Имаме економска криза, ние сме сиромашна држава… в0 таа смисла таа треба да се ангажира за отворање на нови капацитети, нови работни места, да се зголеми вработеноста во нашата држава, изјави Осман Кадриу, уставен судија во разговор со ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2018.
„За да се подобри економската состојба треба да се елиминира и правната криза, тоа значи да се совладаат економските кривични дела, односно дела што се однесуваат на организиран криминал и корупцијата затоа што со нив се поткопуваат економските темели на земјата“, истакна Кадриу.
Кадриу посочи дека треба многу да се внимава и да се работи со социјалните категории на граѓани, со стечајните работници, со посебно внимание да се однесува и да се грижи за онаа структура на граѓани што се со некаков хендикеп. Тука треба да докажеме, според него дека навистина сме и хумано општество.
„Имаме идеална шанса идната година да станеме членка во структурата на НАТО, а се разбира со оваа активност која треба да се реализира и да има резултати од тоа, нашата држава да почне и да го добие датумот за преговори за членство во ЕУ. Со ова битно се подобрува статусот на државата во меѓународната арена, а со тоа и статусот на сите граѓани што се жители на нашата држава…“, изјави Кадриу.
„Во нашата држава сериозно е доведено во прашање правото. Ние зборуваме за една квалификација што се дава од надвор, од ЕУ, посебно од Комисијата со која претседава Прибе. Последните две години исто така се зборува за нас, како заробена држава. Што значи тоа? Ние немаме заробена држава, туку заробено право. Тоа значи дека правото е во криза, не се применува, не се почитува и не се применува од оние органи што го користат за решавање на конкретни прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Во таа насока приоритет број еден е воспоставување на правен поредок кој ќе обезбеди правна сигурност на граѓаните и безбедност“, потенцираше Кадриу.
„Перспективи 2018“ е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Обработка на текст и фотографија: Биљана Јордановска
Монтажа: Ермин Климента