„Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ од лидерската средба беа прифатени, следствено на тоа е да има работни групи за да се договорат деталите. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема номинирано членови е доказ дека Мицкоски нема доверба во раководството“ рече пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски во „Само вистина“ на Канал 5.
Тој порача дека доколку Мицкоски нема доверба во раковдоството може сам да се појави на разговори со СДСМ, за да се разговара, да се донесат одлуки и државата да се движи напред.
„Граѓаните ценат и гледаат дека ВМРО-ДПМНЕ има променет став за уставните измени и тоа е за поздравување. Често сме сведоци дека ВМРО-дПМНЕ го менува ставот, досега беше во лоша, а сега за прв пат во добра насока и тоа го поздравуваме“ рече Каевски.
Пратеникот од СДСМ рече дека неговата партија е подготвена да се откаже и од премиерската функција, бидејќи интересите на граѓаните и државата се приоритет и дека ниту една функција не е поважна од интересите на граѓаните.
Во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, уставните измени да се изгласаата со одложено дејство, Каевски рече дека го прифаќаат и тој услов со тоа што уставните измени би важеле од втората меѓувладина конференција со ЕУ.
„Можно е да има одложување до втората меѓувладина конференција. Тоа е дел од преговарачката рамка и самите ВМРО-ДПМНЕ знаат дека до тогаш може да се одложува дејството. Затоа е потребно да се формираат работните групи, да се стави се на хартија и да се видат сите можности“ рече Каевски.