пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Како ќе познаете началници во медиумите?
Секогаш „први дознаваат“. Тие се предвесници на оркестрирани хајки за плукање и оцрнување на луѓе.
Први се со „ексклузива“ на секое спектакуларно апсење, беља, „спонтан“ протест, медиумска бомба за нечија дискредитација актуелизација или „рехабилитација“…Што мислите, кој им ги кажува тие ексклузиви? И кој кого контролира „во име на јавниот интерес“?
Парадигма за таков началник беше доктор Лаки. А тој за рекордни 24 часа доби пемпеле дека не е началник. Сега пак, на располагање на службашко-политичките мемливи подруми за ширење на алуминиум, лудило, омраза и прогони не се само старите, туку и куп нови и млади началници.
Задачите и методите се исти. Ова е само проста замена на пробушените со тазе „куртони“. Пред нас се одвива вистинска „куртонијада“, натпревар во гнасотија помеѓу оние што „први дознаваат“ и измислуваат клевети, лаги, местенки, и го држат бајракот на подрумските пропаганди што ни ја гушат јавноста и оцрнуваат секого што е против нивниот мрак и смрад.
Имам само една порака и до старите и до новите медиумски началници:
Знаете со кого си имате работа. Има меѓу нас такви што не успеа да ги скрши ниту режимот на Грујо, со сите началници, вувузели и мегафони, полиција, инспекции и судии во тефтерче, сачекуши во темници и напади по домови и канцеларии. Не најдоа ништо, не ни можеа ништо, кога беа во полна сила, а вие или молчевте или верно им служевте.
И сега и тогаш, вие сте во сојуз. И сега и тогаш, има луѓе без дамки спроти вас, на кои само можете да плукате, без аргументи, во секоја прилика, со денови и години. Тоа зборува за вас и вашата фрустрација од подобрите од вас, за вашата немоќ и намери, а не за плуканите.
Лично ќе се погрижам да ве опеам барем во неколку добри книги и истражувања. Ќе станете „пример“, познат не само тука, туку и во светски рамки. Знаете колку многу и брзо и како пишувам. Без плуканици, со факти и аргументи. Знаете дека мојот домет е далеку поголем од вашиот кооперациски дискурс, кој не дофрла ни до Предејане.
Младиќот да ви каже, да не биде не било речено.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.