Министерот за животна средина, Садула Дураку од ДУИ, кој е предложен за нов министер за политички систем, има познавања од Интернет експлорер и Мајкрософт офис, според неговата куса биографија, доставена вчера до Собранието. Од други способности, навел: солидни менаџмент особини, работа во група, работа под стрес и комуникативност.
Предлогот за нов министер за култура, Хусни Исмаили од Алтернатива, е професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тетово. Во неговата биографија, покрај школувањето и работното искуство од медицината, наведени се неговите искуства од културата. Под културни активности, во неговата биографија се вели дека бил уредник на книги, организатор на првиот Саем на книгата на приватните албански издавачки куќи, уредник во областа на радиодрами, уредник во изготвувањето на 90 радиоемисии од областа на културата, уредник и раководител на 80 телевизиски документарни програми на албански јазик во Северна Македонија и пошироко, еден од основачите на културно-хуманитарната организација Мерхамет, еден од основачите и член на Управниот одбор на Издавачката куќа „Логос А“ и учесник во бројни активности од областа на културата во РСМ.
Насер Нуредини, кој е номиниран од ДУИ за нов министер за животна средина, но не е член на партијата, е советник за диверзификација на инвестиции и развој на проекти во компанијата „ГЕГГ Адвајзори де Нуредини“ од Виена, Австрија. Има работно искуство и во Лондон како инвестициски банкар во „Ај-Ен-Џи“ и „Уникредит“.
„Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија. Во февруари 2015 година, Заев го почна проектот „Вистина за Македонија‘, објавувајќи го прислушуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на владата предводена од Груевски“, се вели во биографијата на идниот министер за финансии.
За неговите почетоци, во биографијата е наведено дека израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство и почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат беа вклучени во семејниот земјоделски бизнис, како единствен извор на приход.
Седницата за избор на новите министри е закажана за среда.