Претседателката на собраниската Комисија за политички систем, пратеничката Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ ќе бара извинување од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ која вчера ја снимал со мобилен телефон, но и осуда од Комисијата за еднакви можности, за која што не верува дека ќе биде свикана, и од Клубот на пратенички, пренесува Слободен печет.
Откако за снимањето на нејзиното деколте денеска проговори премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МКД.мк Калевска-Ванчева вели дека воопшто и не забележала дека некој ја снима додека не реагирале нејзините колешки.
„Јас лично не забележав кога пратеникот ме снимал, но забележаа мои колешки и тие веднаш реагираа. Бев преокупирана со заштита на материјалите, и да ја завршам седницата согласно Деловникот.
Ме снимал пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јованчев од Кавадарци, но тогаш не му се обратив да го прашам зошто го направил тоа, бидејќи во тие моменти друго беше побитно. А потоа, веќе не го видов“, ни изјави Калевска-Ванчева.
Таа додава дека не знае зошто колегата го сторил тоа, ниту пак за неа е разбирливо. Но, како што вели, научени се на многу нелогични и неразбирливи работи.
Премерот Ковачевски денеска од собраниската говорница кажа дека пратеничката била снимена, но не откри кој ја снимал.
„Свесен е народот за деструкцијата која произлегува единствено од опозицијата. Само ако се погледнат снимките од вчерашниот ден, ќе се види пратеник , кој во моментов ми се смее, како со мобилен телефон ја снима претседателката на Законодавно-правната комисија на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Не знам што ќе ѝ прави на таа снимка“, рече Ковачевски.