Независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од Левица, Петар Георгиевски – Камиказа, преку Фејсбук статус призна дека ангажманот на неговата фирма КЛС за озвучување на новогодишната прослава чинел 14.000 евра. Оваа објава доаѓа откако вчера СДСМ упати јавно прашање до Камиказа дали неговата фирма била ангажирана за озвучувањето на новогодишната прослава на градскиот плоштад.
„Денеска ме удостоивте со ПРЕСС. Eпа јас со бројки ќе ве удостојам!!!14 000 евра на спрема 165 000 на Шилегов за организација и озвучување!!!! Кривична пријава од антикорупциска имате за нова година!!! Значи ни 8 посто од сумата на Шилегов не чинеше оваа нова година!“, напиша Перо Камиказа на Фејсбук.
Од СДСМ, денеска преку соопштение ја повикаа градоначалничката Арсовкса, наместо да се крие зад штури соопштенија, да излезе пред граѓаните и да каже кој платил за ангажманот на Камиказа.
„Граѓаните на Скопје гледаат дека градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ Арсовска, не сработи ништо во првите два месеци од мандатот. Сведочат само на поништувања на значајни проекти, неспособност, погрешни одлуки. Гледаат дека нема бесплатен јавен превоз, нема инвестиции во животната средина“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ обвинуваат дека буџетот на Град Скопје за 2022 не е развоен и дека не е направен според потребите на граѓаните. Според нив, не се предвидени пари за важни проекти како што се нови паркови, зелени покриви, велосипедски патеки.
„Не се обезбедени пари за ниту една велосипедска патека, ниту еден вело паркинг, нема опрема за автобусите да превезуваат точаци, нема субвенции за дополнителна опрема. На Арсовска ѝ се побитни интересите на нејзините партнери отколку интересите на Скопје и неговите граѓани“ – велат од СДСМ.
Д. М.