пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Од крајот на минатата недела повторно во јавноста почна да се употребува поимот „кампања“. Се разбира кај нас тоа не е поврзано со некои други активности во економијата или културата, туку со политичка борба за власт. Политичките партии и затоа постојат, за да дојдат на власт. Што прават со таа власт кога ќе ја освојат е друго прашање. Ова што го пишувам и не е некоја мудрост или новост. Нашиот политички систем е постојано под некоја покачена температура и пред и во кампања. Затоа најавите дека партиите започнаа со предизборната кампања за локалните избори во октомври и не е нешто на што не сме навикнати. Споредбено со медицинскиот речник, тоа е кога организмот од 37 со 9, премине во 38 со 2 покачена температура. Се разбира се качува подоцна температурата до повисоки вредност до крајот на кампањата. А ако организмот е под температура, намалена е неговата функционалност и рационалност во донесувањето на одлуките. Според тоа таму е причината зошто на изборите гласачите донесуваат неразумни одлуки. Кампањата е како температурата на организмот и има за цел да ја намали можноста секој граѓанин да донесе разумна одлука за кого ќе гласа. Има и теории дека се работи за флуктуација на енергијата, ама сѐ уште не е потврдена.
Политичките партии кампањата ја разбираат токму како и дефиницијата на поимот:
„Кампања е организиран, интензивен напор за остварување на некоја зацртана цел. Може да биде насочена кон прибирање на средства за истата таа цел, за мобилизација и проширување на членството и постигнување на успех на изборите. Кампањата може и да е негативна и да има за цел нарушување на угледот на противникот“.
Ете како убаво е дефинирана кампањата во учебниците по социологија или политикологија. Како е кај нас и како очекуваме да се одвива претстојната кампања за локалните избори на есен. Таа првенствено ќе биде насочена кон своето членство. Партиите веќе утврдија горни и долни лимити, кои на актуелните партиски раководства им гарантира опстанок на политичката сцена.
Ако се задржи партиското членство кое е најчесто клиентилистички врзано за партијата, резултатите нема да се многу лоши. Ако и не се добијат изборите, разликата со победникот нема да е голема и лесно е да се најде изговор за изгубените избори и да се намали одговорноста на раководството. Овде е од помош и колективниот одбранбен механизам за неприфаќање на фактите, туку нивна релативизација. Оваа е општа карактеристика на менталитетот на сите балкански народи.
Ако се успее да се привлечат неопределените или поточно да излезат оние на кои од избори им е преку глава, тогаш победата е гарантирана.
Затоа и кампањите се негативни и насочени кон намалување на угледот на противникот. Колку повеќе го валкате противникот, толку ги зголемувате шансите некој од неопределените да премине на ваша страна. Кампањата затоа е поделена на два дела.
Ветувачка за членството и негативна кон противникот. Интересен заклучок може да се изведе, дека бројот на разочараните од иста партија се намалува за време на изборите во споредба со времето пред изборите. За тоа има неколку објаснувања, но изгледа најточно е за припадноста кон партија како личен идентитет. Длабоко поделеното општество не прифаќа отпадници и не им верува. Еднаш член на партија ставен во таа фиока си останува засекогаш. Гласањето за партискиот противник ретко може да донесе некаква добивка. Посигурно е дека од едната страна ќе се одвоиш, а другата нема да те прими. Поради овие причини негативната кампања не ги допира членовите. Тие и кога веруваат во фактите пласирани од другата страна, јавно никогаш нема да ги потврдат. Затоа и теренската кампања пред сѐ е средба со членовите и поддржувачите. Неопределените се држат на дистанца, а противничките членови одбегнуваат да се присутни во просторите каде се води кампања. Не дај Боже нешто добро да си кажал за личноста или програмата на противникот, затоа биди си подалеку е мудроста на граѓаните.
Каков ќе биде изборот на личности за градоначалници? Најголемиот дел ќе бидат од редовите на партиите. Посебно тоа ќе биде кај големите партии. Партијата на власт има поголема шанса да привлече угледни поединци, кои не се партиски поврзувани досега. Но, тоа е опасност за своето членство, кое таквиот избор го чувствува како критика или недоверба во своите кадри. Зошто некој би учествувал во кампања за некој што не е од партијата и ако утре не може да побара некоја услуга, како заслужен партиец од него. Посебно што таквите кадри по изборите стануваат горливи партијци и си прават своја партиска номенклатура, која најчесто не е составена од партиски заслужни членови. Во овој контекст се поставува и дилемата: Зошто некој успешен во својата струка и со професионални знаења и афирмација, би прифатил да биде градоначалник?
И ако не е бил член на партијата, веднаш ќе биде ставен во партиските канали, со тоа неговата неопределеност се губи. Рамките на повисоката власт нема да му дадат премногу иницијатива да оствари големи проекти и тие да бидат препознаени како негови, без преовладувачко значење на повисоката власт, било партиска, било државна.
Ако е успешен во својата струка, зошто тогаш прифаќа да влезе во политиката? Јавноста има постојана сомнеж во неговите намери за желбите да работи за општо добро, за својот град или држава. Заклучокот е дека или има некои професионални или лични проблеми, па преку политика сака да се извади или му досадило да работи за други и сега си го сака колачот за себе. Јавната служба кај нас е перципирана како можност послушните да го добијат она што во нивниот професионален живот не би го добиле за два животи. Додуша последните понуди за гаранции околу излегувањето од притвор го потврдуваат тоа мислење. Милиони евра гаранција од поранешни високи државни службеници не е нешто во што нема да се посомнева ниту најдобронамерниот граѓанин.
Каков ќе биде изборниот законик, така ќе биде конципирана и кампањата. Очекувањата за негова демократизација со отворени листи е тешко изводлива во оваа констелација на политичките сили. Значи горе- доле кампањата ќе биде иста како и сите досега.
Спотови со ветувања и пораки на традиционалните медиуми, а беспоштедна валкана кампања на социјалните мрежи. Многу лажни вести бесмислена пропаганда и тони отров ќе се излеат во текот на ова лето и есен. Добра работа е што граѓаните веќе немаат доверба во таквата пропаганда. Овде мислам на оние што немаат донесено однапред одлука за кого ќе гласаат. А од нив ќе зависи резултатот на изборите.
Колку искуството од локалните избори од Хрватска ќе има влијание кај нас сега е тешко да се предвиди. Таму загубија сите кандидати кои водеа негативна кампања и посебно оние чија кампања беше со цел лична дискредитација на противникот. И кај нас се очекува кампањата да биде упатена на личен или семеен план. Во предложените програми тешко дека некој ќе најде уверение да гласа за кандидатот. Посебно што досегашните ветувања се остваруваа во мал постоток. Колку ќе го надминат партиите прифатливиот праг на негативна кампања, толку послаби резултати ќе остварат. Само прашање е дали и тие ќе можат да го контролираат чудовиштето, кое и самите го отхранија. Тоа сега не се задоволува со трошки и ветувања.
Дали зад секој процес има одамна зацртана цел која не е видлива за најголемиот дел од заедницата? Не знам, зошто и видиците ни се замаглени од разните теории на заговор. Се сеќавам на една реченица од делото на Жозе Сарамаго – „Евангелие по Христос“, каде вели: „нечастивиот нема за цел да поттикне сомнеж во Христос, да поттикне недоверба кон него, туку да поттикне недоверба кон сѐ и неверување во ништо. Така ќе се загуби надежта и луѓето ќе живеат само според инстиктите за преживување“. Просудете сами дали оваа мисла важи за претстојните изборни кампањи во нашата држава.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.