Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со УМС Кисела Вода и Унија на жени ги злоупотребуваат децата за предизборна кампања. Тие на 3 септември поделиле школски прибор на неколку семејства.
„Иднината на едно општество зависи од квалитетот на младите во истото, а квалитетот на младите зависи од образованието без разлика дали станува збор за формално или неформално! Затоа денес УМС Кисела Вода заедно со Унијата на жени и идниот градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски посетивме неколку семејства каде што подаривме школски прибор на дечињата со цел поуспешна и полесна да им биде претстојната школска година“, стои во објавата на Фејсбук страната на УМС Кисела Вода.
Со тоа што ги покриле лицата на децата е своевидно признание дека овој чин всушност е политичка кампања.
Покрај очигледната злоупотреба на деца, донирањето на школски прибор може да се смета и за поткуп на родителите за локалните избори.
ЦИВИЛ, како и досега, бара од партиите, но и од родителите да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата и малолетниците никако не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата и малолетниците.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ