пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Крајот на неделата што измина го окупираше еден термин што несреќно го одбраа политичарите да го употребуваат. „Театар е ова, а не парламент, од парламентот правите театар“. Така го опишуваа едни парламентарци, поведението на своите колеги. Грeшат многу, затоа што театарот е место каде уметноста го иритира животот, обидувајќи се да го осветли со светлина што не е видлива во секоjдневието. Можеби парламентарците мислат на комедијата како театарски израз? Ова што го гледаме не е секако комедија, затоа што комедијата е сериозна работа, каде со висок креативен дух се исцртува ведрата страна на темното секојдневие, а за тоа е потребен раскошен талент и висока интелигенција.
А и пратениците се слаби актери, затоа што најчесто глумат додека се обидуваат да ги објаснат замислите на партиските раководства. Актерите играат текстови кои се одраз на вистинскиот живот. Театарот е пресериозна работа за да биде дел од политичкиот контекст, практикуван на наш начин.
Можеби и сите сме дел од некоја арена, каде однапред ни се поставени улогите и во зависност од дневната улога, ги менуваме костимите и капите. А пишувањето статуси на социјалните мрежи е можеби најбргу менување на капата и тоа дигитално за да се остане во актуелноста. Од овие, за мене сѐ уште неразјаснети термини и појави, единствено успевам да избегам, потсетувајќи се на некои ликови и случки поврзани со нив, а на кои не сум успеал да им дадам важност, затоа што во тоа време и не сум ги разбирал.
Таква е и следнава приказна за капите и главите, за шапкарот кој цел живот се трудеше да ја направи универзалната капа за секоја глава, но на крајот главите сами си ги бараа капите, не прашувајќи го мајсторот за моделот и квалитетот на капата.
Врнежлива есен, некаде на крајот на првата деценија од овој век, сфаќајќи дека покривот на мојата глава опасно се проретчил, решив да го посетам Трајче шапкарот, кој имаше прекар Р’ѓа. Како, некој негов предок го стекнал тој прекар, не го распрашував, но неговиот однос кон луѓето беше сѐ, само не во склад со презимето.
Седеше на машината и вртеше некое платно со сива боја. Го ставаше на сијалицата, го носеше на прозорецот и го пипкаше, барајќи нешто што за другите е несогледливо.
– Не бива од секое платно капа, не бидува – рече Трајче. Ете гледаш, тебе ова ти изгледа добро и цврсто платно, ама не е. Ткаено е по десет реда во еден правец, а потоа десет во друг. Тоа го прави слабо и кога ќе се оптегне на калапот, точно се познава до каде терал едниот разбој, а од каде другиот и не е за добра капа. Може за овие новите бејзбол капи, како ги викате вие од новото време, ама за вистинска капа не е. Тие американските капи сѐ за секоја глава, само од зад ги подесуваш и готово, си го добил бројот за твојата глава. Вистинската капа е за секоја глава посебно.
Е, гледај сега во ова платно! Тоа е тој англиски штоф, а го правеше и „Македонка“, комбинатот во Штип. И какви платна се ткаеја таму, да не ти раскажувам. И за капа и за костум. Ако е вистински шнајдерот, а муштеријата не е лимон табиетлија како залиено изгледаше. Не е тоа конфекција дечко, уметност е тоа. Туку кажи што по ова врнежлива есен си дошол кај мене? Маре, кафе и по една од мојата ракија ќе стави секако, ама за тоа сигурно не си дошол?
– Еее бате Трајче, решив да носам капа. Некако ми пропуштаат ќерамидите на главата, па ќе ми треба нешто да ја покривам.
– Добро, добро, ама кај мене прво се пробува од моделите, па после се прави капа. Ако сакаш француска беретка, такви кај мене нема. Како сакаш завртија и готово. Моите капи имаат и седло и кузирка. Не можеш да ја свртиш на каде сакаш. Може малку настрана да ја носиш, ама кузирката секогаш е напред. Запамети, секоја капа не е за секоја глава и по капата луѓето те препознаваат. Можеш да ги менуваш капите, ама сите треба да се за твојата глава правени. Ете, на пример за тебе е осмица капа. Имаш џумка на главата од зад. Не те навредувам, само ти кажувам дека и тоа е обележје. За објаснување, зошто едни имаат џумка, а другите немаат побарај ги тие учените. Јас прочитав дека тоа било наследство на нашиот народ. И толку знам. Кој и зошто и како се викал тој пра пра дедото од пред Аврама, прашај некој друг. Јас правам капи спрема главата. За тебе можеби осмица ќе е мала, таа џумката ќе носи уште еден број.
Моравме да одмориме од технологијата на правење капа за глава, со кафето чиј мирис ја исполнуваше работилницата. Прозорците полека се ослободуваа од капките, а бате Трајче неколку минути гледаше низ прозорецот.
– Еее, гледаш дечко во куќиве околу мене се родени големи луѓе. Генерал Михајло Апостолски е роден во куќава до мене. Таму малку подолу е роден бугарскиот регент професорот Тодор Павлов. Во долчето пред прозорецот е роден Емануел Чучков, потпретседателот на президиумот на АСНОМ. И ете на овие неколку стотина квадрати светот го здогледале такви луѓе. А што мислиш какви капи носеле кога биле деца? Исти капи носеле, дечко. Напред кузирка и со широко седло. Кога ги гледам нивните слики, препознавам од што им се клапести ушите. Затоа што не секогаш имале капа по мерка. Што остане од постарите деца, тоа се носи за секој ден. А новата капа за во црква и за празник. Е, потоа во животот тие носеле офицерски шапки, убави италијански каскети, шешири и други паларии. Но, сите биле за нивните глави и по нив се препознавале. Колку и да ги менувале капите сите биле за нивните глави.
– Ај сега да избереме една капа за тебе! Ако не бендисаш ништо, ќе земам мерка и до петок дојди ќе биде готова.
Земам една црна капа и ја вртам во рацете, бате Трајче, абе оваа Ленинка ли е?
– Не, не е, тоа е Сталинка. Ленин носел каскета капа, а кога бил ранет во главата, му направиле таква висока капа за да не му смета на повредата. Еее и тогаш имало луѓе што носеле туѓи капи и оп Сталин, Троцки и другите почнале да носат такви капи.
Ти на занаетот за капи ли ја научи историјата на капите и главите – сакав да се пошегувам.
– Не бе дечко, од животот! Овде каде што остарев се расте со приказните за таквите луѓе. Уште од мал започнуваш со играта комити и џандари, а комити и војводи во Ново Село колку сакаш. А што ќе бидеш во животот изгледа на третиот ден ти е напишано од наречниците. Е, ама важно е цел живот капата да си ја носиш како што треба. И да ја носиш само капата што е за твојата глава, друга да не носиш. Штом друга капа ставиш на главата, твојата капа веќе не стои право. Колку сакаш подместувај ја, се криви, не стои како порано. А и новата капа не стои како што треба. Некако на туѓо место е ставена.
– Ти не коментираш ова што се случува во нашата држава, а знам дека си вмровец до крај – сакав да слушнам што мисли.
Како да го пресеков со прашањето. Ја испи ракијата од еднаш и се врати на машината да ја заврши започнатата капа.
– Види дали ти е добра таа црната деветка. Ако не ти стои право, имам весници ќе ја наполниме, да не ти стои како самар на гладно магаре. Видов дека нешто го навредив и си ја држев чашата меѓу прстите, не осмелувајќи се да ја испијам.
– Напи се од ракијата де, нема да те затне. Можеби ако се напиеш, ќе ти стане јасно што ти кажував за капите и луѓето, па нешто белким ќе запаметиш.
Немаше мегдан повеќе за разговор, си ја зедов капата што не беше правена за мојата глава, па си заминав.
Го пуштам телевизорот и се обидувам да ги проследам последните вести.
„Македонското собрание донело одлука за пакетот мерки“, по долги театрални дискуси – собранието ги донесе потребните одлуки. Гледам кон народните избраници и си го поставувам прашањето, какви капи ли би носеле овие луѓе? Секогаш со ист стил или ќе ги менуваат според времето и модата.
Прости батко Трајче, сега ја сфатив твојата подука за капите и главите. Секоја капа не е за секоја глава. Само и капите денес веќе не се капи, туку сѐ повеќе личат на оние издолжените конуси со цуцки, како на Арлекин и затоа како сите да сме во некој современ циркус, каде не се препознаваат ни главите ни капите.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.