Денес e Интернационален ден на лицата со Аутизам, и ќе споделам една случка кој ја покажува нивната чиста љубов и човечност која ја носат со себе и те прават неизмерно среќен и секако подобар во секој поглед, вели Зоран Кардула.
“Излеговме да се шетаме со Ерато и некаде пред почетокот на плоштадот „Македонија“ во Скопје ни пријде едно девојче на некои 4-5 години кое проси и ја испружи раката за да добие пари. Ерато не знае што е тоа и нормално си помисли дека девојчето и подава рака да се држат за рака. Ерато си ја фати за рака и продолжи да оди. На девојчето не и беше јасно што се случува, целата во чудо се најде и ми се обрати мене со зборовите – ме држи за рака, јас и кажав да, и сака да се шетате. Она сè уште збунета ми вели – со мене сака да се шета. По неколку секунди така и се насмевнаа очите и целата среќна, без зборови, продолжи да оди со нас до Камениот мост и се пушти од рачето на Ерато и си продолжи према кеј. Претпоставувам дека ова и беше прв пат некој да ја прошета за раче, а толку збунета беше што и не ни побара повеќе пари, туку си се прошета со нас“, истакна Кардула.
Тој додава дека токму овие моменти го прават подобар родител.
„Едно е сигурно, Ерато нè научи да живееме без предрасуди. Ги имаме заборавено тие основни човекови особини, но затоа аутистичните деца немаат предрасуди према никого. Девојчето не доби пари, но некако гордо се прошета по плоштад и се осети сакано како и секое друго детенце кое се шеташе таму“, додаде Кардула.
Д. Муратов