Издавачката куќа на Универзитетот Окфорд (Oxford University Press) се појавува со ново, значајно издание под наслов „Оксфордски прирачник за феминистичка филозофија“ кој го подготвија Аста и Ким К. Хол, инаку светски професорки по филозофија.
На тема „Постструктурализам“ во феминистичката филозофија свој придонес во овој престижен издавачки проект во светски рамки, дава и професор д-р Катерина Колозова.
„Со задоволство можам да кажам дека придонесов за овој вреден прирачник со поглавје за постструктурализмот (Глава 8). Оксфордскиот прирачник за феминистичка филозофија, е достапен во претпродажба, а во широка продажба се очекува да влезе во април 2021 година. Уреднички на изданието се Аста и Ким К. Хол, Прирачници за Оксфорд, Издавачката куќа на Универзитетот Оксфорд (Oxford University Press)“, изјави за ЦИВИЛ МЕДИА, професорката Катерина Колозова.
Прирачникот нуди сеопфатен преглед на современата состојба во областа на феминистичката филозофија. Во 45 поглавја од различни автори опфатени се теми што се движат од влијанието на феминистичката филозофија во други системи на угнетување, на родовите, расни и класифицирани претпоставки вградени во филозофските концепти, до феминистичките перспективи во повеќе сфери на филозофијата.
Учебникот е одличен извор на информации и за студенти и за научници што работат и истражуваат во доменот на феминистичката филозофија.
Б. Јордановска