Дарко Каевски, директорот на Агенција за млади и спорт излезе со изјава дека чувствува морална одговорност, а како професионално одговорен ќе бара расветлување на случајот и казна на одговорните во скандалот со стихозбирката „Млади поети“.
Но, јавноста, како и дел од политичките партии побараа оставка од Каевски. Дури се побара од премиерот, Зоран Заев, Владата да преземе конкретни мерки на што Заев одговори дека директорот на АМС досега покажал добри резултати и тој не би избрзувал со разрешување.
ЦИВИЛ Медиа се обиде да стапи во контакт со Каевски, но единствениот одговор што го доби беше дека директорот е на состанок и ќе нѐ контактира веднаш потоа.
Дарко Каевски не се јави, ниту успеавме повторно да стапиме во контакт со АМС. Прашањата што сакавме да ги упатиме до директорот на АМС, за скандалот со објавената книга, за која Каевски најави дека ќе биде повлечена од јавноста, се следните:
Колку ја чинеше АМС печатењето и целиот проект? Кој ја сочинувал Комисијата за селекција, со оглед на тоа дека наведените членови се оградија од содржината на книгата? Дали воопшто ја прочитал книгата пред да се објави? Дали е свесен за злоупотребите и проблематичната содржина? Дали самиот ќе поднесе оставка? Ако одговорот е не, зошто?
ЦИВИЛ Медиа сѐ уште чека одговор на овие прашања. Вака јавно поставени, се надеваме дека Каевски ќе одвои време и ќе ги одговори.
Б.Јордановска